Skip to main content
Скопје

Левица: Пропадна и вториот тендер за ветените автобуси на Орце – голготата на скопјани продолжува

23/05/2026  11:02

Соопштение на Левица:

Пет години ВМРО-ДПМНЕ ги манипулира скопјани со приказни за „еко автобуси”, „модерен транспорт” и „бесплатен јавен превоз”. Од бомбастичните ветувања на Данела Арсовска, до помпезните најави на Христијан Мицкоски и Орце Ѓорѓиевски – резултатот денес е ист: Скопје нема нови автобуси, а состојбата со возниот ред е покатастрофална и од претходно.

Поради личните хирови со Арсовска, советниците на ДПМНЕ во претходниот мандат намерно го блокираа Советот на Град Скопје, саботирајќи ја набавката на автобуси што самите ја ветуваа. По парламентарните избори во 2024 година, премиерот Христијан Мицкоски најави дека не градот Скопје, туку Владата ќе ги набави новите автобуси и дека истите ќе дојдат во октомври 2025 година. Откако пропадна првиот тендер, Мицкоски ретерираше и најави нови автобуси во март оваа година.

На последната седница на Советот на Град Скопје градоначалникот Орце Ѓорѓиевски воодушевено говореше како не видел поубав автобус од оној на ИКАРУС и дека новите автобуси ќе стигнат за еден месец. Вчера медиумите објавија дека пропаднал и вториот тендер, оној кој го доби унгарскиот ИКАРУС, што значи нови автобуси нема да има ниту оваа година!

Поради неспособноста на вмровските властодршци, скопјани секој ден чекаат автобус што не доаѓа, се гужваат во нефункционални возила и губат часови од својот живот поради тоталниот колапс на јавниот превоз, додека градоначалникот Орце со месеци го крие штетниот договор кој ЈСП го склучи со фирмата ,,Маратон”.

Скопје денес е град без функционален јавен транспорт затоа што ДПМНЕ го претвори ЈСП во извор за цедење пари кои завршуваат во приватни џепови, а човекот кој го колабира ова јавно претпријатие денес е награден со функција генерален секретар на Владата.