Skip to main content
Македонија

Левица предлага зголемување на студентскиот оброк со износ на 1% од минималната плата и да важи за сите студенти

14/09/2026  13:51

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на денешната прес-конференција ги најави предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кои пратеничката група на Левица предлага износот повеќе да не биде фиксен и секоја година да треба да се менува Законот по волја на Министерството, туку да се утврдува како 1% од минималната плата.

Исмаил посочи дека студентскиот оброк е дел од студентскиот стандард, но дека постојниот модел има сериозни ограничувања. Како еден од проблемите го наведе тоа што сегашниот износ од 140 денари, иако според Законот треба да се усогласува со инфлаторните движења пред донесување на републичкиот Буџет, останал непроменет од 2023 година со што, студентите се оштетени.

Со предложеното врзување на износот со минималната плата, според Левица, висината на средствата за студентски оброк автоматски би се менувала со движењето на минималната плата и повеќе не би зависела од одлуката на министерот.

Втората измена што ја предлага Левица е укинување на доходовниот цензус, со што студентите би можеле да го користат правото на субвенциониран оброк и доколку остваруваат минимален приход.

Предлогот предвидува ова право да биде проширено и на вонредните студенти:

„Вонредните студенти не се ништо помалку студенти од редовните. И тие јадат како и редовните студенти”, истакна Исмаил.

Четвртата измена се однесува на деновите во кои може да се користи студентскиот оброк. Левица предлага правото да важи секој ден, вклучително и во недела и за време на празници, за разлика од сегашното решение според кое за неработните денови не се исплаќаат средства.

Исмаил посочи и дека ова не е крајната цел на партијата во однос на студентската исхрана. Според него, студентскиот оброк треба да прерасне во вистинска јавна услуга , наместо сегашниот модел во кој средствата се користат во комерцијални угостителски објекти.

Како дополнителен проблем, Исмаил го посочи и намалувањето на средствата за студентски стандард во Буџетот за 2026 година.

Според него, буџетската ставка од која се обезбедуваат и средствата за студентски оброк е намалена за повеќе од 20 проценти во однос на 2025 година, што, како што оцени, е спротивно на тврдењата дека студентските права и стандард се прошируваат и унапредуваат.