Skip to main content
Македонија

Левица: Пратениците од ДПМНЕ ја отворија вратата за тешка индустрија во населени места

07/10/2026  13:24

Соопштение за јавност на Левица:

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, на денешната собраниска седница побара да се тргнат од дневен ред скандалозните измени на Законот за животната средина, со кои повторно се отвора можноста за рестартирање на тешка загадувачка индустрија во населени места. Антинародната ДПМНЕ, седната во скутот на олигархијата, одби да ги тргне измените од дневен ред.

Во држава која со години се соочува со енормно загадување, дозволувањето на тешка индустрија во непосредна близина на населени места е директен удар врз здравјето на граѓаните. Наместо да ги заострува еколошките стандарди, власта ги олеснува условите за крупниот капитал.

Мојсоска посочи и на примерот со цементарницата Усје:

„Вашиот омилен спонзор на градоначалниците, грчката компанија ,,Усје”, во шест месеци остварила чиста добивка од 13 милиони евра. Оваа добивка не завршила во македонското стопанство, не завршила за поголеми плати на работниците, не завршила за зголемување на стандардите за заштита на животната средина. Оваа добивка заврши како чиста дивиденда во соседна Грција. За грчките сопственици се скапите хациенди, скапите јахти и скапите возила, а за македонските граѓани остануваат тука ПМ честичките!”

Најскандалозно е што со предложените измени:

– се брише одредбата со која се забранува рестартирање на тешка индустрија во радиус од 5 километри од населено место;

– се брише обврската на концесионерите за справување со контаминираните подрачја, додека државата не успева да ги реши ниту постојните еколошки жаришта, како арсенот во Лојане;

– измените се туркаат во нетранспарентна постапка, Министерството за животна средина нема одговор на коментарите доставени преку ЕНЕР, а собраниската верзија на законот драстично се разликува од објавената нацрт-верзија;

– се скратуваат роковите за жалба, со што се намалува просторот граѓаните да ги заштитат своите права.

Народот не смее да биде колатерална штета на профитните интереси на корпорациите и нивните политички покровители и ги повикуваме свесните и освестени граѓани, еколошките здруженија и невладиниот сектор да извршат јавен притисок за ваквите скандалозни измени да не бидат усвоени!