
Соопштение за јавност на Левица:
Поминаа повеќе од 1.160 години од Моравската мисија (863 година), кога Константин Филозоф – Свети Кирил и неговиот брат Методиј ја започнаа својата просветителска дејност меѓу Словените. Создавањето на глаголицата и поставувањето темели за словенската писменост претставува цивилизациски чин со значење што ги надминува границите на времето и државите.
По повод Денот на сесловенските просветители, делегацијата на Левица предводена од Пратеничката Јована Мојсоска положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа Кирил и Методиј во Охрид, оддавајќи почит кон нивното историско дело и трајниот придонес за писменоста, културата и духовниот развој на словенските народи.
Особено значајно е што делото на солунските браќа е тесно поврзано со Македонија. Нивните ученици, по прогонството од Велика Моравија, својата мисија ја продолжуваат во тогашна Македонија, каде преку дејноста на Охридската книжевна школа се развива словенската писменост и се создава духовен и образовен центар со огромно влијание врз словенскиот свет што се смета за една од најстарите словенски образовни институции.
ООН, Универзалната декларација за човекови права (член 2) и преку меѓународните акти за заштита на јазичните права утврдуваат дека дискриминацијата и оспорувањето врз основа на јазик се спротивни на основните човекови права. Секое оспорување, условување или негирање на македонскиот јазик во интеграциските процеси (од страна на ЕУ или нејзина членка) претставува грубо кршење на основните човекови права. Јазикот не може да биде прашање за политичка дискусија.
Оддавајќи почит кон светите Кирил и Методиј, потсетуваме дека заштитата на јазикот, културното наследство и историската вистина не е само должност кон минатото, туку и обврска кон идните генерации.

