
Соопштение на Левица:

Две седници по ред Советничката група на Левица предупредува дека нововоспоставениот принцип на групно поставување и групно одговарање на советничките прашања ја обезличува нивната суштина. Вчера повторно побаравме враќање на начинот на работа во кој советникот поставува прашање, го слуша одговорот и има можност веднаш да реагира кога одговорот е нецелосен, неточен или едноставно ја заобиколува суштината. Наместо тоа, ДПМНЕ повторно инсистираше на формат во кој советниците зборуваат однапред, а градоначалникот подоцна добива непрекинат простор да ја сервира сопствената верзија без непосредно соочување со контрапрашање и тоа сѐ со цел, контролирање на темпераментот на Ѓорѓиевски којшто се докажа дека не е способен да се справи со факти, несценирани и за него незгодни прашања.
Вчерашната седница достигна ново ниво на авторитарен вмровски режим. Токму делот во кој советниците ги поставуваат прашањата, реагираат на ваквиот начин на водење и бараат враќање на нормалната советничка дебата – не постои како снимка. За сметка на тоа, достапен останува делот во кој Ѓорѓиевски непречено ја презема говорницата и советничките прашања ги претвора во долга политичка монодрама.
Најцинично, во ден кога од претседателот на Советот јавно слушнавме дека советничките прашања биле инструмент за транспарентност и дека работата на Советот не смеела да биде скриена. Ова е сурова демонстрација на ароганција во обид контролата да се замолчи, советниците да се понижат до декор, а јавноста да добие само внимателно режирана монодрама на градоначалникот.
Во своите настапи Ѓорѓиевски вчера наместо конкретен дијалог со советниците избра долги политички квалификации и пресметки со критиките. Советничките прашања, меѓутоа, не постојат за градоначалникот да добие резервиран термин за политички говор. Тие постојат токму за обратното – избраните претставници на граѓаните да можат да бараат отчет од него и од институциите со кои раководи. Советот на Град Скопје има 45 избрани членови кои ги претставуваат граѓаните и тие не се избрана публика во претставата на градоначалникот.
Најлесно е да се глуми моќ кога си ја укинал можноста некој да ти возврати. Вистинската слабост на оваа вмровска власт се гледа токму таму каде што почнува да се стеснува дебатата за да не мора да се соочат со неа.


