Skip to main content
Македонија

Левица: Мицкоски да одговори како Фетаи со двојно државјанство добил пристап до државни тајни

11/09/2025  14:04

Соопштение на Левица:

Случајот со издавањето на безбедносен сертификат со степен „државна тајна” на вицепремиерот бипатрид Арбен Фетаи, кој поседува и друго државјанство покрај македонското, отвора сериозни прашања во однос на законитоста на постапката, примената на Законот за класифицирани информации и можната кривична одговорност на повеќе чинители.

Точно е дека согласно член 40 од Законот, функционерите (меѓу кои и Фетаи) не подлежат на оперативни безбедносни проверки, но тоа не претставува основ за исклучување на обврските што произлегуваат од другите одредби! Напротив, обврската за поднесување Барање и пополнување на Безбедносен прашалник постои и за овие лица. 

Согласно член 39 став 3, Владата како правно лице за своите функционери е должна да достави Барање за добивање на сертификат и задолжителен прилог – Безбедносен прашалник, пополнет и лично потпишан од кандидатот. Барањето мора да биде потпишано од одговорното лице на институцијата, во овој случај претседателот на Владата Христијан Мицкоски. 
Во самиот прашалник, кој е составен и непрескоклив дел на постапката, децидно се бараат информации за државјанството – дали лицето има двојно државјанство, дали поседувало друго државјанство претходно или пак е во процес на стекнување на државјанство од друга држава и сл. 

Во таа насока, членот 41 од Законот е сосема јасен и не предвидува никакви исклучоци ниту за функционерите наведени во член 40!
Таму е наведено дека предуслов за издавање на безбедносен сертификат со степен „државна тајна” е, меѓудругото, лицето да не е државјанин на друга држава!

Оттука произлегуваат неколку можни сценарија, од кои секое води до заклучок дека законската постапка е прекршена и дека постои основ за кривична одговорност:

–  Доколку до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации воопшто не пристигнало Барање и пополнет Безбедносен прашалник, доколку е поднесено само Барање без приложување на пополнет Безбедносен прашалник или пак доколку се поднесени потребните документи уредно пополнети – како ДБКИ го дерогирала Законот и на бипатридот Арбен Фетаи му издала безбедносен сертификат „државна тајна”?;

– Доколку Арбен Фетаи при пополнувањето на Безбедносниот прашалник намерно или ненамерно не го навел второто државјанство покрај македонското, тогаш тој ја затаил таа информација и сторил кривично дело, особено имајќи предвид дека на крајот на прашалникот се потпишува и Изјава за вистинитост, точност и целосност на информациите под морална, материјална и кривична одговорност;

– Доколку постапката за добивање на сертификат ја водел офицер за безбедност на класифицираните информации – и ова лице подложи на одговорност, а доколку Барањето е потпишано и од премиерот Мицкоски, тогаш одговорност постои и кај него.

Овој случај на дерогирање на законите за „мир во куќа” на ДПМНЕ и ВРЕДИ, до степен на обезбедување пристап до државни тајни на законски непожелно, неповикано лице, претставува сериозен преседан кој ги доведува во прашање интегритетот на институциите, но пред сѐ националната безбедност!