Skip to main content
Економија

Левица: Македонија живее на кредит, за три месеци над 20 милијарди денари задолжување

01/08/2026  10:30

Соопштение за јавност на Левица:

Новите податоци на Народната банка ја разоткриваат реалната слика зад владината реторика за „силна економија”. За само три месеци, македонската економија се задолжила дополнително за 20,5 милијарди денари, додека негативната нето финансиска позиција достигна 615,5 милијарди денари, односно 54,4% од БДП. Тоа значи дека вкупните финансиски обврски на државата, компаниите и граѓаните растат побрзо од финансиските средства што ги поседува македонската економија. 

Особено загрижува фактот што најголеми должници се компаниите од реалниот сектор односно стопанството, кои сè повеќе зависат од банкарски кредити и странско задолжување за да го одржат своето работење. Наместо економија што создава сопствен капитал, добиваме модел во кој производството и инвестициите се потпираат на долг. Во вакви услови, сè поголем дел од приходите на компаниите се насочуваат кон отплата на кредити и камати наместо кон нови инвестиции, повисоки плати и отворање нови работни места. 

Истовремено, државата продолжува со ново задолжување а домаќинствата го зголемуваат својот долг, при што речиси 94% од долгот се банкарски кредити. Тоа е јасен показател дека сè повеќе граѓани се принудени да го финансираат животниот стандард со кредити наместо со раст на реалните приходи.

 Во целата оваа слика единствен победник повторно е финансискиот сектор кој остварува нето позајмување и профитира од задолжувањето на државата, компаниите и граѓаните. Тоа е суштината на финансискиот модел што со години се гради. Профитот се концентрира кај банките додека ризикот и товарот ги носат работниците, стопанството и јавните финансии. 

Левица смета дека е неопходна промена на економскиот модел. Наместо економија изградена врз кредити и банкарски профити, потребна е развојна индустриска политика, поголема поддршка за домашното производство и ограничување на прекумерната финансиска зависност. Економскиот развој мора да се темели на создавање нова вредност, продуктивни инвестиции и достоинствено платена работа а не на постојано продлабочување на задолженоста