
Соопштение за јавност на Левица:
Денес Собранието ќе одлучува за ребалансот на Буџетот за 2026 година. Левица ќе гласа против предложениот ребаланс, бидејќи амандманската расправа покажа дека Владата не само што нема намера да ја промени својата економска политика, туку одби речиси секој предлог што значеше поголема јавна корист, подобра заштита на граѓаните и поодговорно трошење на буџетските средства.
Левица поднесе 47 амандмани со кои предложи дел од непродуктивните расходи да се пренасочат кон проекти од стратешко значење за државата и кон директна поддршка на граѓаните. Наместо да го искористи ребалансот за корекција на приоритетите, парламентарното мнозинство ги одби речиси сите предложени решенија.
Еден од одбиените амандмани предвидуваше воведување GPS-систем за службените возила. Со оваа мерка ќе се воспоставеше целосна евиденција на движењето и користењето на службените автомобили, ќе се намалеше можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели и ќе се обезбедеше поголема отчетност при трошењето на јавните средства. ДПМНЕ одби дури и ваков елементарен механизам за контрола на државниот имот.
Во делот на заштитата на природата, ДПМНЕ ги одби средствата за изработка на студии за валоризација на планините Огражден и Кожув – неопходен предуслов за започнување постапка за нивно прогласување за национални паркови. Со прогласувањето на овие подрачја за национални паркови би се обезбедила највисока форма на заштита од идни концесии за рудници и други деструктивни зафати, би се зачувал биодиверзитетот и природните ресурси, а локалниот развој би се насочил кон одржлив туризам наместо кон експлоатација. Истото мнозинство го одби и амандманот за формирање посебен фонд за националните паркови, како и изградба на регионален центар за селекција и рециклирање на отпад кај Дрисла.
Без поддршка останаа и амандманите со кои Левица бараше изградба на нови шелтер-центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, отворање нови центри за упатување и третман на жртви на сексуално насилство и стабилно финансирање на Националната СОС-линија. Македонија и понатаму нема доволен број засолништа за жртвите, а постојните услуги функционираат со ограничени капацитети и неизвесно финансирање. Наместо државата конечно да инвестира во систем кој ќе обезбеди сигурност и заштита за жртвите, ДПМНЕ ги одби овие предлози. Единствено беше прифатено делумно зголемување на средствата за Националната СОС-линија – наместо предложените 5 милиони денари, беа одобрени само 2 милиони.
ДПМНЕ го одби и предлогот за формирање јавен станбен фонд преку изградба на државни станови. Во услови кога цените на становите и кириите постојано растат, а сè повеќе млади семејства не можат да обезбедат сопствен дом, овој амандман ќе овозможеше државата повторно да преземе активна улога во станбената политика, наместо домувањето целосно да биде препуштено на пазарот и на профитот на инвеститорите.
Во областа на земјоделството, парламентарното мнозинство го одби амандманот за изградба на државен откупен центар за земјоделски производи во Струмица. Со ова решение државата ќе обезбедеше сигурен пласман за домашното производство и ќе создадеше противтежа на откупните монополи кои со години ги диктираат цените на штета на земјоделците. Наместо земјоделците да зависат од волјата на неколку големи откупувачи, државата ќе можеше да интервенира на пазарот и да обезбеди поголема сигурност за домашното производство.
Одбиени беа и амандманите за Армијата и Министерството за внатрешни работи. Левица предложи дел од средствата наменети за набавка на НАТО-опрема да се пренаменат за реконструкција на касарни, сместувачки капацитети, кујни, санитарни јазли и друга инфраструктура неопходна за нормално функционирање на Армијата, како и за реконструкција и опремување на полициски станици, гранични премини и други објекти на МВР. Безбедноста не се гради само со набавка на нова опрема, туку и со достоинствени услови за работа на припадниците на Армијата и полицијата – ДПМНЕ одлучи дека тоа не е приоритет.
Поддршка не доби ниту амандманот за отворање Конзулат на Република Македонија во Корча, со кој ќе се обезбедеше постојано дипломатско-конзуларно присуство во регион од особено значење за македонското население во Албанија. Со отворањето на конзулатот ќе се олеснеше пристапот до конзуларни услуги за иселениците, ќе се зајакнеше институционалната поврзаност со македонското малцинство и ќе се унапредеше политичкото, културното и економското присуство на Македонија во регионот.
Одбивањето на речиси сите амандмани на Левица покажа дека овој ребаланс не е документ што има простор да се подобри, туку документ што ДПМНЕ по секоја цена сака да го зачува непроменет, без оглед на реалните потреби на граѓаните. Ако Македонија навистина е економското чудо што секојдневно ни го опишува Мицкоски, тогаш зошто секој нов ребаланс изгледа како признание дека економската политика нема јасен правец?


