
Соопштение за јавност на Левица:
Пратениците на ДПМНЕ не го поддржаа Предлог-законот на Левица за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, со кој се бара воведување на право на платено породилно отсуство за жените индивидуални земјоделки. На денешното гласање, од 87 регистрирани пратеници, само 23 гласаа „ЗА” предлогот!
Со ова, 38.000 регистрирани жени земјоделки и понатаму остануваат без законски загарантирано право на паричен надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и при привремена спреченост за работа поради болест и повреда.
Пратеничката Јована Мојсоска во своето обраќање посочи дека станува збор за основно работничко и социјално право, а не за привилегија, и дека е недозволиво во 2026 година жените кои произведуваат храна, плаќаат придонеси и го издржуваат своето семејство сè уште да мораат да се борат за законска заштита на мајчинството.
Дополнително, дискриминацијата врз индивидуалните земјоделки е веќе институционално и судски потврдена. Во 2023 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација врз жените земјоделки. Во 2026 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуда со која ја утврди одговорноста на Владата и Министерството за здравство за нивното нееднакво третирање при остварувањето на правата од здравственото осигурување.
Мојсоска потсети дека ниту претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ, ниту актуелната влада предводена од ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ не презедоа законски измени со кои ќе се надмине оваа дискриминација. И покрај судската пресуда и јавните заложби на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за потребата од системско законско решение, жените земјоделки и понатаму се оставени без еднаква заштита.
Предлог-законот на Левица предвидува целосно вклучување на индивидуалните земјоделци во системот на парични надоместоци од задолжителното здравствено осигурување, со што тие би го остварувале правото на надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, но и при болест и повреда. Наместо ова право да зависи од привремени владини програми и административни процедури, Левица бара тоа да биде трајно гарантирано со закон.
Според Левица, лицемерието на власта е толку големо што декларативно се залага за поддршка на семејството, мајчинството и демографско обновување, а одбива да поддржи законско решение за жените кои со сопствениот труд го одржуваат земјоделското производство и руралните заедници. Државата не смее да прави разлика меѓу мајките врз основа на тоа каде и како ја заработуваат својата егзистенција.
„Очигледно нешто е труло во оваа држава! Труло е во држава во која има пари за службени возила, за вицепремиери кои не се појавуваат на работното место, а нема пари за системско решение за мајката која живее од сопствениот труд. Нема пари за мајката која станува пред зори, која работи на нива, која произведува храна за сите нас, која плаќа придонеси и која кога ќе роди дете треба да се бори за надоместок што треба да ѝ биде загарантирано право.” посочи Мојсоска.
Левица ќе продолжи да се бори за укинување на оваа системска дискриминација. Мајчинството не е привилегија, туку право кое државата е должна да го гарантира!



