Skip to main content
Македонија

Левица: ДПМНЕ нема намера да ја ограничи коцкарската индустрија, ги одби сите наши амандмани

27/06/2026  13:48


Соопштение за јавност на Левица:

Владата сака јавноста да поверува дека со новиот Закон за игрите на среќа конечно ѝ застанала на патот на коцкарската индустрија. Но, ако навистина целта беше да се ограничат казината и обложувалниците, немаше да ги одбијат СИТЕ 13 амандмани на Левица, со кои законот ќе добиеше вистинска тежина и конечно ќе ги погодуваше токму механизмите преку кои коцкарската индустрија креира нови зависници и остварува огромни профити.

Дел од амандманите што ги предложи Левица:

Да се забрани рекламирањето и спонзорирањето на коцкарските компании преку спортски клубови, федерации, медиуми, инфлуенсери и јавни личности.

Да се забранат бонусите, бесплатните облози, VIP-програмите и промоциите со кои граѓаните постојано се навлекуваат повторно да играат.

Да се скрати работното време на казината на 12 часа и да не смеат да работат за време на државни и верски празници.

Тројно да се зголеми цената на лиценците за казина и обложувалници, наместо државата и понатаму да им овозможува на коцкарските компании да работат по симболични цени.

Да има најмногу едно казино или обложувалница на 15.000 жители и да бидат најмалку 3 километри оддалечени од училишта, младински, спортски и културни установи.

Да се воведе целосна транспарентност на сопственоста на компаниите што приредуваат игри на среќа, без офшор фирми и скриени сопственици.

ДПМНЕ ги одби сите 13 амандмани. Без ниту еден исклучок.

Со ова падна во вода целата приказна дека Владата води борба против коцкарската индустрија. Кога дојде моментот да се гласа за мерки што навистина ќе ги погодеа профитите на казината и обложувалниците, ДПМНЕ без двоумење ги одби сите.

Кога требаше да избираат помеѓу интересите на граѓаните и интересите на коцкарската индустрија, ДПМНЕ повторно застана на страната на крупниот капитал.

Затоа овој закон е само уште една типична, провидна ПР-кампања на ДПМНЕ. Доволно е добар за на прес-конференција да се пофалат дека „решиле проблем”, но не и доволно храбар за да ги допре интересите на индустријата што заработува милиони од македонската несреќа.

Левица останува единствената парламентарна партија што е подготвена да влезе во судир со интересите на коцкарската индустрија, наместо да им продава на граѓаните козметички измени како голема реформа.