Skip to main content
Македонија

Левица: АСНОМ-ските идеали треба да се мерило за секоја власт

02/08/2026  12:08

Соопштение за јавност на Левица:

По повод 82 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Македонија, делегација на Левица, предводена од претседателот на Партијата и пратеник Димитар Апасиев, заедно со пратеникот Сашко Јанчев и членот на Централниот комитет Евгенија Станкоска, положи свежо цвеќе пред спомен-плочата во манастирот „Св. Прохор Пчински”, каде што на 2 август 1944 година беше одржано Првото заседание на АСНОМ – Вториот Илинден.

АСНОМ е правниот, политичкиот и моралниот извор на современата македонска држава. 

Врвна политичка и револуционерна синтеза на вековната борба на македонскиот народ.

Во изминатите три децении и СДСМ и ДПМНЕ, во свој стил, но со ист исход, лукративна цел и отсуство на визионерство, постепено ја испразнија и обезличија асномската идеја. Ја сведоа државноста на политика на отстапки, попуштања, сервилност; суверенитетот во категорија што постојано чека туѓа потврда; компромиси на наша штета и без црвени линии; подредување на државните интереси на дневнополитички и надворешни диктати. Наместо да ги надградуваат, и едните и другите придонесоа Македонија да биде доведена во положба да ги докажува вистините што АСНОМ ги врежи.

Всушност, три децении СДСМ и ДПМНЕ се надополнуваа во демонтажата на асномските идеали.

Историската вистина што ДПМНЕ никогаш не успеа да ја свари е дека Македонија не ја создадоа антикомунистите, туку комунисти, левичари, партизани и антифашисти. Не ја конституираа политички претприемачи што подоцна го присвоија името ВМРО, туку борци кои под црвеното знаме ја поразија фашистичката окупација. Затоа антикомунистичката опсесија на ДПМНЕ е обид да се пресече гранката врз која почива македонската државност.

Асномците не бараа ничија дозвола за македонскиот јазик, ниту преговараа за македонската посебност. Денес, по долгогодишното владеење на СДСМ и ДПМНЕ, Македонија е пред апсурдот нејзиниот јазик, историја и национален континуитет да стануваат предмет на надворешни условувања и политички пазарења. Она што асномците го затворија како историско и државно прашање, овие власти повторно го отворија со својата недоследност, кукавичлак, алчност, отсуство на државничка визија и тактиката раздели и владеј продавајќи демагогија, лицемерие и квазипатриотизам.

АСНОМ не нè задолжи само да паметиме, туку и да продолжиме. Затоа Левица ќе продолжи да го носи знамето на асномците како жива политичка обврска. Тоа е знамето што ја обедини народната сила околу слободата, а не околу поделбите; околу создавањето на Републиката, а не околу тесните интереси. Македонија ќе ја зачува народ обединет околу идеалите на АСНОМ.

АСНОМ живее!

Смрт на фашизмот – слобода за народот!