
Соопштение за јавност на ЛДП:
Либерално-демократската партија (ЛДП) ја поздравува одлуката за тргање од дневен ред на спорниот Предлог-закон за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028″. Ова е директна победа на силниот притисок од антикоруптивната јавност, ДКСК, граѓанските организации, како и пратеничката и лидерка на ЛДП Моника Зајкова, кои не дозволија по скратена постапка да се протурка закон чија единствена цел беше суспендирање на Законот за јавни набавки за сума од 21 милион евра.
Сепак, ЛДП предупредува дека простото симнување на точката од денешната седница не е доволно. ЛДП бара итно и целосно повлекување на предлог-законот од собраниска постапка. Договорот зад затворени врати не смее да послужи само како маневар за купување време и за подоцнежно прошверцување на истиот коруптивен модел. Тоа сценарио сме го виделе порано. Текстот мора веднаш да се повлече, да се стави на јавна консултација преку ЕНЕР и во него задолжително да се вратат сите системски механизми за транспарентност и јавни тендери.
Доколку владејачкото мнозинство во иднина се обиде да изврши законодавно насилие и повторно да го заобиколи Законот за јавни набавки, ЛДП ќе ги искористи сите парламентарни механизми за да го блокира. Истовремено, веќе ги започнуваме правните подготовки за поднесување иницијатива до Уставниот суд за поништување на ова безобразие доколку власта се осмели да го изгласа.
Скопје во времето на Пенов се градеше и со малку пари и со опструкции и по закон. Така мора да биде секогаш. Затоа што Скопје заслужува европска култура, а не да биде европска престолнина на набавки зад затворени врати!

