Skip to main content
Економија, Македонија

Лазовски: Кој ќе го реши проблемот со најниските пензии?

12/11/2026  21:25

Најниските пензии треба да бидат во центарот на реформите на македонскиот пензиски систем, оцени економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, во дебатата за линеарно зголемување или усогласување според швајцарската формула, главното прашање е како да се подобри положбата на пензионерите со најниски примања.

„Нема да биде проблем дали усогласувањето е линеарно или по швајцарската формула, туку проблемот ќе биде кој ќе ги реши малите пензии, односно кој ќе го направи нашиот систем поправеден“, изјави Лазовски.

Тој оцени дека во изминатите децении се посветувало премалку внимание на висината на најниските пензии. Според него, начинот на кој се вреднува работниот стаж придонесува за значителни разлики во пензиските примања, а граѓаните немаат доволно јасни информации за тоа како коефициентите влијаат врз конечниот износ.

„Во целиот овој период некако не водевме сметка да го подигнеме нивото на малите пензии. Затоа сега имаме проблем, затоа имаме неправеден пензиски систем“, нагласи Лазовски.

Според него, идните реформи треба да обезбедат поправеден начин на пресметување на пензиите и поголема заштита за пензионерите со најниски примања.