
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина во текот на ноќта извела напад со беспилотни летала врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород, пренесуваат руските медиуми. Според Лавров, Москва ќе ја преиспита својата преговарачка позиција, имајќи го предвид, како што рече, „конечниот премин на режимот во Киев кон политика на државен тероризам“.
Тој додаде дека целите и времето на руската одмазда веќе се утврдени, но нагласи дека Русија нема да се повлече од учеството во преговорите поврзани со мировниот процес. Лавров посочи дека засега нема информации за жртви или за материјална штета од наводниот напад врз резиденцијата на Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги негираше обвинувањата, оценувајќи ги како невистинити и тврдејќи дека Москва на тој начин создава оправдување за можни напади врз владини објекти во Киев. Засега не е познато дали рускиот претседател се наоѓал во резиденцијата во моментот на наводниот инцидент.

