
Наместо европската иднина да стане реалност, Македонија повторно се оддалечува од Европската Унија поради политиките на премиерот Христијан Мицкоски. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, упатувајќи остри критики кон актуелната власт за блокирањето на евроинтегративниот процес и одбивањето на предлогот за референдум.
Кузеска оцени дека најавите за „чекање со децении“ пред вратите на Европската Унија ќе имаат сериозна цена, која, според неа, нема да ја плаќаат политичарите, туку граѓаните.
„Кога велат дека се подготвени да ја платат цената и да чекаат со децении, Мицкоски треба да им каже на граѓаните кој всушност ќе ја плати таа цена. Дали ќе ја плати тој? Дали ќе ја плати неговото опкружување? Она во што сме сигурни е дека цената ќе ја платат самите граѓани. Со часовникот од 60.000 евра, Мицкоски сигурно нема да плати ништо“, изјави Кузеска.
Според портпаролката на СДСМ, државата веќе две години стагнира во евроинтегративниот процес, додека власта е фокусирана на политички пресметки со опозицијата наместо на конкретни реформи и чекори кон членство во ЕУ.
Таа предупреди дека економските последици од застојот веќе се чувствуваат од граѓаните.
„Гледаме дека платите стагнираат, а цените дивеат. Некои ќе кажат дека има криза во цела Европа, но Македонија не е интегрирана во ЕУ и затоа сме лишени од сите оние бенефити и фондови кои земјите членки ги имаат на располагање во каков било период на криза“, потенцираше Кузеска.
Најголемата штета од блокираниот европски пат, според неа, ја трпат младите генерации, кои сè помасовно ја напуштаат државата во потрага по подобар живот и професионална перспектива.
„Децата кои не беа ниту родени кога Македонија доби кандидатски статус, денес се веќе полнолетни луѓе. Наместо европска иднина дома, тие заминуваат во Хрватска, Швајцарија и други европски држави“, рече Кузеска.
Таа посочи дека во моментов околу 25.000 сезонски работници работат во странство и предупреди дека младите повеќе не гледаат перспектива во Македонија.
Како пример за, според неа, несериозниот пристап на власта, Кузеска раскажа дека на прашање упатено до млад претставник на ВМРО-ДПМНЕ – зошто младите би останале во државата – добила одговор дека ќе се градат студентски домови.
„Каде ќе живеат тие млади луѓе откако ќе завршат факултет? Во студентските домови цел живот или ќе плаќаат скапи кирии? Младите веќе не гледаат можност да се развиваат и професионално да се исполнат во ваков систем“, порача Кузеска.
Таа заклучи дека Владата мора да им понуди јасен план и перспектива на граѓаните, наместо, како што рече, да се крие зад изговори дека нема средства за организирање референдум.



