
СДСМ уште од самиот почеток покажува конструктивност во процесот на избор на нов јавен обвинител, но обидите за нормализирање на директните политички и телефонски контакти со правосудството се недозволиви. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа остро реагираше на, како што рече, обидите на власта да ги релативизира контактите меѓу премиерот Христијан Мицкоски и јавниот обвинител, оценувајќи дека таквите постапки се спротивни на европските стандарди и на принципот на независно правосудство.
„Запрепастена сум од обидот да се нормализира телефонскиот контакт помеѓу премиер на држава и јавен обвинител. Изговорот дека ‘само ми се јави’, дека ‘само се слушнавме’ или дека ‘само сакал нешто да праша’, воопшто не е аргумент. Без разлика дали тие приватно биле пријатели или не, тоа е целосно неважно. Во една нормална европска земја ова ќе беше скандал од најголеми размери и веднаш ќе беа доведени во прашање функциите и на едниот и на другиот“, изјави Кузеска.
Портпаролката на СДСМ нагласи дека ваквите контакти се спротивни дури и на Етичкиот кодекс на Владата.
„Во Етичкиот кодекс на Владата експлицитно стои дека член на Владата не смее да контактира со претставници на правосудството и судските органи, па дури ни за обична информација“, потенцираше Кузеска.
Таа оцени дека токму ваквите „ало-ало“ релации покажуваат дека власта нема вистинска намера да изгради независен правосуден систем и европски институции.
Кузеска потсети дека СДСМ на почетокот имал умерен и конструктивен пристап кон изборот на новиот обвинител, но, според неа, уште од самиот старт било видливо влијанието на премиерот врз процесот.
„Ние кажавме дека биографијата на обвинителот е впечатлива и дека нема веднаш да критикуваме, туку ќе ја следиме работата. Но уште со самиот избор видовме како премиерот директно од Собранието диригираше како и од каде обвинителот треба да почне со работа“, рече таа.
Портпаролката на СДСМ порача дека доколку власта навистина располага со докази за, како што тврдат, предавство или шпионажа, тогаш тие треба да бидат доставени до институциите преку официјални постапки, а не преку политички притисоци и јавни прозивки.
„Ако имаат соодветни докази, нека поднесат кривична пријава, наместо да вршат вакви притисоци“, заклучи Богданка Кузеска.

