
Во обраќање пред жители на Општина Центар, носителот на советничката листа на Левица, Андреј Куцуловски, ги обвини традиционалните партии дека го задржуваат статус-квото и ја презентира Левица како единствена „автохтона и автентична” опција која може да донесе промени во општината.
Куцуловски оцени дека политичките играчи во Центар всушност го создаваат „истото чудовиште со три глави” со референци на СДС, на „Знам” (кој се бивши СДС во ново руво поддржана од ДПМНЕ) и на таканаречените независни кандидати, за кои рече дека претходно припаѓале на истите политички кругови нод СДС. Тој порача дека членовите на Левица не се вмешани во „тендер шеми” и дека партијата ќе се бори за транспарентност и дигитализација на општинските услуги.
Како пример за јавен револт против привилегиите, Куцуловски го посочи инцидентот со непрописно паркираното возило на Срѓан Керим на Боемска улица, кое, како што рече, локалните жители го пријавиле и го снимале настанот, па надлежните служби морале да го отстранат поради јавниот притисок. „На центарци им е преку глава од привилегирани, од мито, од корупција и од ужасни комунални услуги,” рече тој.
Куцуловски најави интензивна кампања на терен со редовни средби со граѓаните и големо присуство на социјалните мрежи, додека, како што рече, партијата се соочува и со медиумска цензура. Тој изрази уверување дека Левица ќе постигне значајни резултати во општината под лидерство на Марија Среброва и најави продолжување на борбата „за правда и отчетност” во Центар.
Во завршните зборови од обраќањето, Куцуловски го најави „црвениот бран” како симбол на мобилизацијата против, како што оцени, „криминалните и продадените души” во политиката.