Skip to main content
Македонија

Крмов: СДСМ бега од разговор за Изборниот законик – Левица е за една изборна единица и фер третман за изборната кампања

30/09/2026  13:35

Соопштение за јавност на Левица:

На покана на министерот за правда, денес повторно беше отворен процесот за измени на Изборниот законик, со цел да се одблокира процесот и да се постигне политички договор меѓу парламентарните партии. Левица го поздравува отворањето на процесот, имајќи предвид дека токму тоа беше и една од нашите заложби во изминатиот период.

Координаторот на пратеничката група Борислав Крмов посочи дека отсуството на СДСМ од консултативната средба покажува политичка незрелост и недемократски однос, особено во услови кога се разговара за прашања што директно го засегаат изборниот процес.

„За жал гледаме дека СДСМ не се присутни. Тоа покажува еден тип на политичка незрелост и недемократичност. Изгледа провидно нивната намера фактички да ја остават Левица единствена партија хендикепирана, која не може да добие средства од платено политичко рекламирање”, истакна Крмов.

Левица останува на своите две клучни барања: една изборна единица и фер распределба на средствата за изборните кампањи. Но, како што посочи Крмов, фер третман значи и можноста платеното политичко рекламирање целосно да се укине.

„Фер распределба е и нивно укинување. Апсолутно ние тука не сме дојдени за пари, туку бараме фер третман. Нема проблем и со нивно укинување. Во тој случај ќе заштедиме милиони евра за граѓаните, а Левица конечно ќе добие фер третман”, рече Крмов.

Тој порача дека не може една партија да биде ставена во нерамноправна положба во изборниот процес, додека сите останати партии ги користат постојните механизми за финансирање на кампањите.

„Недозволиво е само Левица да остане надвор од изборниот процес. Не е проблем, ние се залагаме и за укинување. Не е никој дојден тука да бара пари, но не може само една партија да биде политички дискриминирана. Тоа е и неуставно и незаконски. Сите се тркаат на 100 метри, само Левица се трка на 150 метри. Вака илустрирано, тоа е апсолутно недозволиво”, потенцираше Крмов.

Левица останува отворена за разговори за Изборниот законик и ги очекува следните консултации со Министерството за правда, но ќе продолжи да инсистира на една изборна единица, фер изборни услови и еднаков третман на сите политички субјекти.