Skip to main content
Македонија

Кривична за девет полицијаци за случајот со Росица

18/11/2026  17:17

Четиринаесет месеци откако беше убиена заедно со својот татко во Велес, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против девет полициски службеници поради непостапување по нејзините пријави.

Обвинението се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување и неизвршување судска одлука. Според обвинителството, полицајците не постапувале соодветно по пријавите за семејно насилство и не ги спроведувале итните мерки за заштита, иако постоеле судски одлуки.

Дел од обвинетите, според соопштението, не го известиле надлежниот обвинител, а прибраните докази ги чувале во полициските простории без да поведат постапка. Обвинителството оценува дека со службеното непостапување биле повредени правата на Росица, вклучително и правото на живот.

Росица и нејзиниот татко беа убиени на 15 септември 2025 година од нејзиниот поранешен партнер, кој потоа си го одзеде животот. На убиството му претходеле повеќе пријави за насилство, закани и вознемирување. Внатрешната контрола на МВР утврдила пропусти кај 11 полициски службеници, за кои биле спроведени дисциплински постапки.