Skip to main content
Хроника

Кривична пријава за сопственик на фирма, го оштетил буџетот за над 120.000 евра

04/08/2026  11:10

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против едно физичко лице, управител и сопственик на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“ од член 279 и “Фалсификување или уништување на деловни книги” од член 280 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Првопријавениот М. Д. во својство на сопственик и управител на правното лице, во 2021 година, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за второпријавениот правен субјект, преку фиктивно книжење извршил присвојување на наплатените парични средства од продажба на нафта и нафтени деривати во износ од 7.040.484,00 денари при што не пресметал и не платил данок на личен доход во вкупна вредност од 782.198,00 денари.

Дополнително, првопријавениот М.Д. преку фиктивно книжење извршил намалување на залихата евидентирана на конто 6630 во вредност од 7.040.484,00 денари, а воедно извршено е намалување на приходите на конто 7411 во износ од 3.222.664,00 денари, намалување на обврската за ДДВ евидентирана на конто 2301 во износ од 580.003,00 денари и зголемување на набавната вредност на продадената стока на конто 701000 во вредност од 3.425.798 денари, при што не пресметал и не платил данок на додадена вредност вкупна вредност од 1.653.677,00 денари, данок на личен доход во вкупна вредност од 782.198 денари и данок на добивка во вкупна вредност од 664.846,00 денари.

Исто така, првопријавениот М.Д. во 2024 година, свесно и со умисла евидентираната залиха на конто 6630 – „Стоки во продавница со стапка од 18% во износ од 12.630.670,00 денари ја присвоил за себе и не ја евидентирал во сметководствената евиденција на второпријавениот правен субјект како кусок, при што не пресметал и не уплатил данок на додадена вредност во износ од 1.925.177,00 денари и данок на личен доход во износ од 1.403.267,00 денари.
Со наведените дејствија првопријавениот М.Д и второпријавеното правно лице го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 7.211.359,00 денари.