
Од 10 до 12 октомври, приземјето на Скопје Сити Мол ќе оживее со боите, мирисите и енергијата на Есенскиот базар. На едно место ќе се сретнат 20 талентирани современи занаетчии, кои ќе се претстават со уникатни креации – од еко производи, рачно изработен накит и кожни аксесоари, чанти, преку дрвени садови и украси, епоксидни уникати и рачно насликана керамика, до ароматични свеќи и природна козметика.
Есенскиот базар – „Креативна есен во срцето на градот“ е платформа која ги спојува уметниците со јавноста, промовирајќи ја локалната креативна сцена и одржливиот начин на живот. Посетителите ќе можат да ги запознаат авторите зад секој производ, да ги слушнат нивните приказни и да учествуваат во создавање на заедницата – љубители на рачно изработени продукти. Базарот ја нагласува важноста за поддршка на домашната уметност, промовира одржливи практики и иновативни идеи, кои се одраз на културната и општествена динамика на градот.
„Мама Органа“ ќе ги инспирира љубителите на зелен животен стил со своите „zero waste“ производи, додека „Fabulous Flame“ и „Zen.Zeal“ ќе ги разбудат сетилата со нетоксични свеќи, етерични масла и ароматизирани восоци од соја. „NICHE Wood Art“ ќе се претстават со рачно изработени дрвени садови, а „Solar creations“, со рачно плетен накит од челик и кожа. Рачно насликаните чаши, чинии и вазни на „Натка препорачува“ ќе внесат топлина во домот, додека филигранскиот накит од „Малезан Филигран“ и „Filigree LARGO“ носи традиција и современа елеганција во секој детаљ. „SIRA leather“ и „Кожарска работилница Хорват“ ќе ги претстават своите кожни аксесоари, а „Monkdolls“ и „Marcy’s handmade“ ќе ги однесат посетителите во свет на рачно изработени дрвени украси и накит од глина и смола. И тука не завршува приказната – секој од присутните артизани носи свој уникатен печат, создавајќи атмосфера која го поврзува креативното со есенската магија.
Посетителите ќе имаат можност да откријат и за„Bottega Azzurra“ со нивниот накит од кожа и мали цртежи, „Јуник Корнер“ со рачно изработени чанти, „Gaia_X“ со накит кој раскажува приказна, „Добро ми стои“ и „Ателје Сиена“ со сребрен накит и полудраги камења, како и „Шарено Ќоше“ со рачно насликана керамика и илустрации. Природната козметика на „Игнеа Козметика“, уникатниот накит од епоксидна смола на „Epoxy_handmadebyclay“ и иновативните торби, беџови и накит на „REД“ го комплетираат овој шарен и инспиративен колаж на талент и уметност.