Skip to main content
Балкан

Косовскиот обвинител побара доживотен затвор за тројца Срби обвинети за нападот во Бањска

15/04/2026  18:34

Косовскиот обвинител Наим Абази денеска побара од судот во Приштина да ги осуди на доживотен затвор обвинетите Срби, Благоја Спасојевиќ, Владимир Толиќ и Душан Максимовиќ за вооружен напад врз косовската полиција во Бањска во септември 2023 година.

Тие беа уапсени веднаш по вооружениот судир во Бањска помеѓу вооружени Срби и косовската полиција.

Специјалното обвинителство во Приштина за случајот Бањска подигна обвинение против 45 лица, од кои поголемиот број не се достапни за правосудните власти на Косово. Тие се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“.

Во Бањска настрада еден косовски полицаец и тројца Срби, припадници на групата предводена од Милан Радоичиќ.

Обвинителот Абази истакна дека ниту еден од обвинетите не изразил искрено каење за вооружената операција, „ниту се дистанцирал од кривичното дело“.

Судењето почна на 9 октомври 2024 година, а завршните зборови на одбраната ќе бидат на 20 април.