
Забрана за увоз на овци и кози од Македонија воведе косовската агенција за храна и ветеринарство. Забраната е воведена како резултат на заразно заболување на ситниот добиток во регионот на Липково.
Од Агенцијата информираат дека одлуката е заснована на официјални извештаи од ADIS и Светската организација за здравје на животните (WOAH), со кои е потврдена присутност на болеста кај овците и козите во овој дел од земјата.
Забраната не се однесува само на живи животни, туку и на нивните нуспроизводи, вклучително кожи и волна, како и на производи кои не се термички третирани и потекнуваат од Македонија.
Одлуката ќе остане во сила сè додека не се изврши нова проценка на состојбата од страна на меѓународните ветеринарни институции и надлежните органи во Косово.
