Skip to main content
Спорт

Кошаркарската федерација на 21.декември ќе организира „All star“ натпревари

12/12/2025  16:07

Кошаркарската федерација на Македонија на 21. декември (недела) ќе ги организира All Star натпреварите, кои повторно стануваат дел од официјалниот календар како симбол на современа, отворена и атрактивна кошарка.

Планирани се три натпревари:

  • натпревар за македонските надежи (М20) – „Ѕвезди во подем“;
  • женски сениорски All Star натпревар и
  • машки сениорски All Star натпревар.

Во двата сениорски натпревари ќе настапат селекциите „Македонија“ – „Свет“, составени од домашни играчи и странски кошаркари кои играат во најквалитетните сениорски лиги под капата на федерацијата – „МТЕЛ“ Супер лига – мажи и „Шпаркасе Лајф“ Прва лига – жени.

Во рамките на All Star програмата, во паузите (истек на четвртините) од натпреварите, ќе се одржат и ревијалните натпревари во забивање и шутирање за три поени, како составен дел од кошаркарскиот спектакл и дополнителна можност за промоција на вештината, креативноста и атрактивноста на играта.

Во паузите меѓу натпреварите ќе се одржи и свечено доделување на признанија и награди за најдобрите поединци и колективи во сезоната 2024/25, како чин на почит и признание за квалитетот, трудот и професионализмот во македонската кошарка.

Со оваа манифестација федерацијата ја потврдува својата определба кошарката да биде повеќе од резултат – простор за промоција на талентот, фер-плејот, инспирацијата и заедничката спортска радост.