Skip to main content
Македонија

Конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“

01/04/2025  08:10

Во склоп на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, денес ќе биде отворена конференција посветена на одржливото справување со отпадот, под наслов „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“.

Според најавите, конференцијата ќе ја отвори амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, а воведни обраќања ќе имаат првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заменик-министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими, извршната директорка на Здружението на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ, Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International.

На конференцијата ќе бидат присутни и градоначалници од повеќе плански региони во државата, меѓу кои градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, како и претставници на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, повеќе амбасади и меѓународни организации, кои се дел од донаторската заедница во Северна Македонија.

Конференцијата ќе се фокусира на неопходноста од подобрување на управувањето со отпадот во Северна Македонија. Главните теми кои ќе бидат разгледани се затворањето на постоечките депонии и ѓубришта, операционализирање на долгоочекуваниот регионален систем за управување со отпад како единствено одржливо и долгорочно решение за проблемот со отпадот со кој се соочува државата, како и потребните реформи и чекори кои треба да ги преземат институциите и единиците на локалната самоуправа.

Учесниците на конференцијата ќе дискутираат и за координацијата и соработката меѓу донаторската заедница, министерствата, општините, приватниот и граѓанскиот сектор како единствен одржлив начин на спроведување на реформите, за справување со предизвиците и креирање на одржливи решенија.

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со партнерите МЖСПП, Министерство за локална самоуправа и ЗЕЛС.