Skip to main content
Македонија

Конески: Заминувањето на студии во странство не е бегство, стекнатото знаење треба да се врати дома

06/10/2026  20:53

Дали заминувањето на младите на студии во странство е доказ за слабостите на домашниот образовен систем или станува збор за природен процес на стекнување нови знаења и искуства кои подоцна можат да се применат во сопствената земја?

Ова прашање беше отворено во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, каде што претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, кој дипломирал меѓународни односи во Венеција, одговараше на прашањето како пред младите во Битола, Штип или Велес би го аргументирал квалитетот на македонското образование кога самиот избрал да студира во странство.

Конески порача дека неговата одлука да студира во Италија не била резултат на недоверба во македонскиот образовен систем, туку желба да стекне ново меѓународно искуство и знаење кое потоа ќе може да го примени во Македонија.

„Студискиот престој во друга држава не значи дека сопствената земја има лошо образование. Тоа е глобален феномен и не е ништо од кое треба да се бега, туку напротив – треба правилно да се искористи“, истакна Конески.

Тој посочи дека за време на студирањето во Италија имал колеги и од Велика Британија и Холандија, земји со развиени образовни системи, што, според него, покажува дека студентската мобилност е вообичаен дел од личниот и професионалниот развој.

Конески смета дека клучното прашање не е дали младите ќе заминат на студии во странство, туку дали стекнатото знаење и искуство ќе имаат можност да го применат во сопствената држава.

Говорејќи за состојбите во македонското високо образование, тој оцени дека подобрувањето на квалитетот бара поширок пристап кој нема да се сведе само на наставата и студиските програми.

Според Конески, потребни се инвестиции во модернизација на инфраструктурата, подобри услови за студентите, поддршка за младите истражувачи, како и поголема соработка меѓу студентите, универзитетите и државните институции.

Како пример за институционална соработка тој ги посочи иницијативите што студентските претставници ги доставувале до Министерството за образование и наука.

„Еден силен показател за отвореноста е статистиката дека од 13 поднесени студентски иницијативи до Министерството за образование и наука, дури 12 се веќе прифатени. Тоа покажува дека ресорното министерство има слух за реалните проблеми на студентите и покажува кооперативност за сите корисни решенија кои ги предлагаат младите“, рече Конески.

Според него, подобрувањето на македонското образование треба да претставува „мозаик“ од повеќе мерки – од подобра инфраструктура и студентски стандард до поголема вклученост на младите во креирањето на политиките што директно ги засегаат.