Skip to main content
Македонија

Кога законот го уредува здружувањето – дали пензионерските организации се навистина независни?

10/06/2026  16:16

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Во претходните текстови беа отворени прашањата за правото на избор и за односот меѓу Сојузот и здруженијата на пензионери.

Но постои едно уште подлабоко прашање кое ретко се поставува во јавноста.

Дали пензионерските здруженија во Македонија функционираат како независни граѓански организации или како дел од еден посебен систем создаден со закон?

Повод за ова прашање е Глава X од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, која ги регулира членарината и Солидарниот фонд – посмртна помош.  На прв поглед тоа изгледа како техничко решение.  Но кога внимателно ќе се прочитаат членовите 115, 116 и 117, се отвораат низа дилеми кои заслужуваат јавна расправа.

Првата дилема е принципиелна.  Законот за пензиското и инвалидското осигурување по својата природа треба да ги уредува правата и обврските што произлегуваат од пензиското осигурување и работата на Фондот за ПИОМ.

Истовремено, здруженијата на пензионери се граѓански организации кои според Законот за здруженија и фондации треба самостојно да ги определуваат своите цели, активности, членство и финансиско работење.

Токму затоа се поставува прашањето:  Како е можно еден закон од областа на пензиското осигурување директно да уредува прашања што се однесуваат на функционирањето на конкретни граѓански здруженија?

Втората дилема се однесува на членството.  Вообичаено, членувањето во здружение на граѓани претставува израз на слободна волја. Членот самостојно одлучува дали ќе се зачлени, дали ќе остане член и дали ќе плаќа членарина.  Во случајот со пензионерските здруженија, членарината и Солидарниот фонд се поврзани преку законски механизам кој се реализира преку Фондот за ПИОМ.  Поради тоа се поставува прашањето дали овие две различни работи – членството во здружение и учеството во Солидарен фонд – треба да бидат неразделно поврзани или секој пензионер треба да има право самостојно да избере во што сака да учествува.

Третата дилема се однесува на природата на средствата.  Средствата за Солидарниот фонд не потекнуваат од државниот буџет ниту од даночни приходи. Тие се обезбедуваат од самите пензионери.  Но истовремено тие средства се движат низ механизми кои се дел од државниот финансиски систем.  Оттука произлегува прашањето:  Дали средствата остануваат исклучиво приватни средства на членовите или добиваат поинаков статус кога нивното управување е поврзано со институции на државата?

Четвртата дилема се однесува на автономијата.  Статутот на Сојузот определува дека станува збор за невладина, непартиска и самостојна асоцијација.  Но кога клучни сегменти од организацијата, членството, членарината и Солидарниот фонд се регулирани со закон и се реализираат преку државни институции, се поставува прашањето каде завршува автономијата на здружението, а каде започнува институционалното влијание.

Овие прашања не се насочени против Солидарниот фонд.  Напротив.

Посмртната помош претставува значајна форма на меѓусебна солидарност меѓу пензионерите и многу семејства ја препознаваат нејзината вредност.  Но токму затоа што станува збор за средства што ги обезбедуваат самите пензионери, неопходно е да постојат максимална јасност, транспарентност и недвосмислено определување на одговорностите.

Прашањето не е дали солидарноста треба да постои.

Прашањето е дали постојниот модел е единствениот можен модел.

Дали е време Солидарниот фонд јасно да се одвои од членството во здруженијата?

Дали е време пензионерите посебно да одлучуваат за учество во фондот, а посебно за членство во здружение?

Дали е време да се отвори поширока стручна и јавна расправа за решенијата што биле создадени во едни поинакви околности пред повеќе децении?

Ова не е прашање на конфликт.  Ова е прашање на модернизација.

Затоа што секоја организација која сака да остане жива и релевантна мора одвреме-навреме да ги преиспита сопствените правила.  А особено кога тие правила се однесуваат на стотици илјади пензионери.

Демократијата не се состои само во избор на раководства.  Таа се состои и во правото членовите да ги преиспитуваат системите што управуваат со нивните права, нивните средства и нивните организации.