Skip to main content
Македонија

КОГА ПРЕСУДАТА ЌЕ ПАДНЕ, А ПАРИТЕ ВЕЌЕ ЗАМИНАЛЕ

17/08/2026  16:41

Пишува: Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Морам да признаам дека сум фрапиран од леснотијата и брзината со која судските и извршните инстанции понекогаш пристапуваат кон извршувањето на правосилните судски одлуки, како самото постоење на извршна исправа да е доволно да ја затвори секоја понатамошна дилема. Особено загрижува впечатокот дека при таквото експресно постапување недоволно се води сметка за последиците што можат да настанат ако пресудата врз основа на која веќе се наплатени значителни парични средства подоцна биде укината од Врховниот суд.

Не го оспорувам принципот дека правосилната пресуда мора да биде извршлива. Напротив, без ефикасно извршување судската заштита би ја изгубила својата смисла. Но правната сигурност не може да заврши во моментот кога парите ќе бидат симнати од сметката на должникот. Правниот систем мора да биде способен да ја види и другата страна на проблемот: што ќе се случи ако тие средства веќе бидат исплатени, можеби и префрлени во странство, а Врховниот суд подоцна утврди дека пресудата врз основа на која биле наплатени не може да опстане?

Токму тука започнува проблемот за кој, според мене, во нашето нормативно уредување и во практичната примена на прописите сè уште не се размислува со доволна сериозност.

Кога извршувањето ќе ја престигне правдата

Да земеме еден реален, но за потребите на оваа колумна целосно анонимизиран прекуграничен стопански спор. Странска компанија поднесува тужба против македонска компанија пред домашен суд. Македонската компанија поднесува противтужба.

Првостепениот суд донесува делумна пресуда и делумно го усвојува барањето на странската компанија. Второстепениот суд ја потврдува пресудата. Македонската компанија поднесува ревизија до Врховниот суд. Но ревизијата не го запира извршувањето.

Странската компанија ја користи правосилната и извршна пресуда и во извршна постапка во Македонија ги наплатува средствата од домашната компанија.

Парите се земени. Потоа одлучува Врховниот суд.

Ревизијата е усвоена. Првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот е вратен на повторно одлучување. При повторното одлучување првостепениот суд го одбива тужбеното барање на странската компанија, а постапката продолжува пред второстепениот суд.

И тука се поставува прашањето кое е многу поважно од чистата процесна теорија: Како домашната компанија ќе ги врати парите што веќе ѝ биле земени врз основа на пресуди кои Врховниот суд ги укинал? Токму тука се открива слабоста на системот: едно е да имате правна можност да барате враќање на веќе наплатените средства, а сосема друго е тие средства навистина да ви бидат вратени

Нашиот Закон за извршување го познава институтот на противизвршување. Кога извршувањето е веќе спроведено, а извршната исправа подоцна е укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, должникот може да бара враќање на она што доверителот го добил.

На хартија, тоа изгледа како решение. Во реалниот живот, не е толку едноставно. Постои огромна разлика меѓу: „Имате право да ги барате средствата назад“ и „Средствата ви се вратени.“

Противизвршувањето создава правен пат. Тоа не создава гаранција дека парите навистина ќе бидат вратени. Особено кога доверителот е странско правно лице и кога средствата веќе се надвор од непосредниот досег на македонскиот систем на извршување.

Домашната компанија тогаш може да биде принудена да обезбедува дополнителен извршен наслов, да поведува нови постапки, да бара признавање и извршување во државаta во јоја е регистрирана фирмата, да плаќа адвокати, преводи, судски такси и повторно да чека. А времето во вакви спорови не е само процесна категорија. Времето чини пари.

Во меѓувреме странскиот доверител може да го пренесе имотот, да ја промени својата имотна состојба, да влезе во стечај или ликвидација или едноставно во моментот кога ќе дојде време за враќање повеќе да нема доволно имот од кој може да се наплати побарувањето. И тогаш добиваме правно апсурдна ситуација: странката ја добила ревизијата, но можеби ја изгубила можноста реално да ги врати своите пари.

Тоа е формална правна победа, но потенцијален економски пораз. Затоа судот не смее да гледа само дали денес постои извршна исправа. Тука мора да се отвори и прашањето на практиката. Не мислам дека проблемот може поедноставено да се сведе на тезата дека судиите или извршителите „не го почитуваат законот“. Напротив, во многу случаи тие токму го применуваат таков каков што е.

Но тоа не значи дека не смееме критички да ја преиспитаме логиката што ја создаваат прописите и нивната примена. Премногу лесно се прифаќа формулата: има правосилна пресуда – има извршување. А недоволно се поставува второто прашање: што ако тоа извршување денес создаде последица што утре практично нема да може да ја исправи ниту одлуката на Врховниот суд?

Токму тука формализмот станува проблем. Судот не смее да гледа само дали денес постои извршна исправа. Правниот систем мора да му даде инструмент и обврска да се запраша што ќе остане од правдата утре ако таа исправа биде укината откако парите веќе заминале. Особено кога станува збор за високи парични износи. кога доверителот е странско лице, кога е поднесена дозволена ревизија и особено кога постои реален ризик средствата, откако ќе бидат исплатени, подоцна да станат тешко или воопшто недостапни.

Не барам судот однапред да претпоставува дека апелационата пресуда е погрешна. Но барам системот да му овозможи да ја процени цената на можната грешка. Тоа е нешто сосема друго.

Зошто ова е особено важно за македонските компании?

Не станува збор за тоа домашните компании да имаат привилегиран третман во однос на странските. Такво решение ниту би било правично ниту би било правно одржливо. Но државата има обврска при креирањето на сопствениот процесен систем да ги согледува реалните последици што тој систем може да ги произведе врз домашната економија.

Македонија е мала и отворена економија. Нашите компании работат со странски партнери, извезуваат, увезуваат, инвестираат и влегуваат во сложени прекугранични договорни односи.

Кога значителен паричен износ ќе биде наплатен од домашна фирма и ќе премине кај странски субјект, не станува збор само за една ставка во судски предмет. Тоа може да биде ликвидност. плати. Суровини, кредитни обврски, нова инвестиција. работни места и др.

За една домашна компанија, особено во мала економија, таквиот износ може сериозно да го наруши работењето уште пред Врховниот суд да каже дали пресудата врз основа на која средствата биле земени воопшто можела да опстане.

Ако потоа Врховниот суд ја укине пресудата, системот не може едноставно да ги крене рамениците и да каже: „Сега имате право да ги барате назад.“ Државата мора да размислува и за тоа дали тие пари ќе има од кого и од што да се вратат.

Деведесет дена не се одговор на деветмесечна ревизиска контрола

Проблемот станува уште поочигледен ако се погледне временската конструкција на системот. Законот за извршување познава можност за одлагање на извршувањето, но постојното решение е временски ограничено. Од друга страна, одлучувањето по ревизијата пред Врховниот суд може да трае значително подолго.

Така може да се случи нешто сосема логично според буквата на законот, но тешко одбранливо според неговите последици: одлагањето завршува, извршувањето продолжува, парите се наплатуваат а Врховниот суд сè уште не одлучил. Тогаш заштитата постоела формално, но не ја исполнила својата суштинска функција.

Зошто?

Затоа што рокот завршил пред да заврши причината поради која заштитата била потребна. Ако суштината е да се спречи непоправлива последица додека највисокиот суд ја врши ревизиската контрола, тогаш во исклучителни случаи мора да постои можност заштитата да биде функционално поврзана со таа постапка, а не само со однапред фиксиран број денови.

Не се работи за автоматско запирање, туку за потреба од паметна заштита.

Да бидеме сосема јасни: решението не е секоја ревизија автоматски да го запира.

Секој должник би имал мотив да поднесе ревизија само за да ја одложи наплатата. Правосилната пресуда би ја изгубила практичната вредност, а доверителите би биле неоправдано оштетени.

Но меѓу две крајности „изврши веднаш по секоја цена“ и „запри сè додека не одлучи Врховниот суд“ постои широк простор за разумно и правично решение.

Судот треба и мора да може да спроведе вистински тест на пропорционалност. Колкав е ризикот за должникот ако средствата веднаш бидат исплатени? Колкав е ризикот за доверителот ако исплатата привремено биде ограничена? Дали побарувањето може целосно да биде обезбедено? Може ли да се положи гаранција? Може ли средствата да бидат запленети, но привремено задржани на посебна сметка до одлуката на Врховниот суд?

Постои ли реален ризик дека по нивниот трансфер во странство враќањето ќе биде значително отежнато или невозможно? Тоа е суштината на судиското одлучување. Не механичко читање на календарот, туку процена на конкретните последици.

Каде треба да се интервенира?

Затоа проблемот повеќе не смее да се остава само на последователното противизвршување. Законодавецот треба сериозно да ги преиспита членовите 88, 91 и 93 од Законот за извршување, како и нивната поврзаност со членовите 389 и 390 од Законот за парничната постапка.

Член 88 овозможува враќање на наплатеното кога извршната исправа подоцна ќе биде укината или преиначена, но тој дејствува откако последицата веќе настапила. Член 93 може да го запре извршувањето кога основата ќе отпадне, но ако парите веќе се исплатени, таквата заштита доаѓа предоцна. А ограничувањето на одлагањето според член 91 мора да се преиспита во светло на фактот дека ревизиската постапка пред Врховниот суд може да трае значително подолго.

Не предлагам ревизијата автоматски да го запира секое извршување. Тоа би било погрешно и би можело да создаде простор за злоупотреби. Но судот мора да добие појасен законски инструмент во исклучителни случаи да процени дали непосредното извршување може да предизвика ненадоместлива или тешко надоместлива штета, особено кога значителни средства се префрлаат кај странски доверител.

Токму затоа треба да се размислува за дополнување на Законот за извршување, вклучително и со посебни решенија како нови членови 91-а и 91-б, со кои би се уредиле судски контролираното одлагање и заштитеното извршување. Средствата би можеле да бидат обезбедени или задржани, без веднаш и неповратно да му се стават на располагање на доверителот, сè додека постои сериозен и конкретно докажан ризик од непоправлива последица.

Но промената не е потребна само во законот. Потребна е и во практиката. Судот не треба да застане само на прашањето: „Постои ли извршна исправа?“ Во високоризичните случаи мора да може да се запраша и: „Што ќе се случи ако оваа пресуда утре биде укината од Врховниот суд?“

Правната сигурност не значи само доверителот брзо да наплати. Таа значи и одлуката на Врховниот суд да има реален, а не само формален ефект.

Затоа суштината на потребната реформа и постапувањето на судиите не е во блокирањето на извршувањето, туку во спречувањето на неповратната последица. ЗНе смееме да се доведеме во ситуација државата еден ден да ѝ каже на странката: „Врховниот суд утврди дека сте биле во право.“ а на прашањето: „Добро. А како сега да си ги вратиме парите?“ единствениот одговор да биде: „Почнете нова постапка.“

Ако системот е доволно брз да ги земе парите, мора да биде доволно внимателен и да спречи тие да станат недостижни во случај највисокиот суд подоцна да ја укине основата врз која биле наплатени.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.