Skip to main content
Македонија

Кога конкурентите работат за иста цел: ОИЛТЕК повторно над националните цели

03/09/2026  10:19

Компании кои увезуваат и пуштаат масла на македонскиот пазар и секојдневно се конкуренти меѓу себе, преку Оилтек работат заедно на една цел – отпадното масло да биде собрано, безбедно складирано и правилно преработено. Резултатите веќе се гледаат: повеќе од 450 тони беа собрани во 2025 година, а само до крајот на август оваа година се собрани нови 430 тони.

Во 2025 година над 300 тони отпадно масло беа преработени, а Оилтек постигна стапка на собирање од 28% од количините масла пуштени на пазарот од компаниите членки, значително над националната цел од 15%.

Резултатот продолжува и годинава. Со околу 430 тони собрани за осум месеци, системот веќе се приближува до количината собрана во текот на целата претходна година.

За Оилтек, овие бројки не се само исполнување на законска обврска. Тие покажуваат дека сè повеќе отпадно масло влегува во организиран систем, наместо да завршува таму каде што може да претставува ризик за животната средина.

Од отпад до ресурс – инвестиции во домашна преработка

Еден од најзначајните чекори во развојот на системот во изминатиот период е инвестицијата во современа опрема за преработка и рециклирање на отпадни масла.

Целта е едноставна: што поголем дел од отпадното масло собрано во Македонија да може да се преработува во домашни капацитети, наместо да се извезува за третман во странство.

Со тоа отпадното масло престанува да се гледа само како еколошки проблем и добива можност повторно да се искористи како ресурс.

„За нас не е доволно само да собереме одредена количина отпадно масло и на крајот од годината да кажеме дека сме ја исполниле законската цел. Сакаме да изградиме систем што реално функционира – од местото каде што се создава отпадното масло, преку неговото собирање и безбедно складирање, па сè до преработката. Затоа инвестираме и во опрема, и во инфраструктура, и во домашни капацитети за третман“, вели Борче Кузмановски, управител на Оилтек.

Опрема таму каде што отпадното масло се создава

Паралелно со инвестициите во преработка, Оилтек продолжи со поставување инфраструктура на местата каде што отпадното масло реално се создава.

Автосервиси, компании и други создавачи на отпадни масла добија специјализирани садови, резервоари и друга опрема за нивно правилно собирање и безбедно складирање.

Овој дел од системот е особено важен. Ако отпадното масло не се складира правилно на местото каде што се создава, целиот понатамошен процес станува потежок.

Затоа идејата е инфраструктурата постепено да стане подостапна, а предавањето на отпадното масло на овластени оператори – вообичаена практика.

Истовремено се проширува мрежата на овластени собирачи, транспортери и рециклатори, со цел системот да биде достапен на што поголем дел од територијата на државата.

Зошто е важно каде завршува старото масло?

Отпадното масло не е обичен отпад – станува збор за отпад кој се класифицира како опасен.

Ако неправилно се складира, истура или заврши во нелегални текови, претставува ризик за почвата и водите. Од друга страна, кога правилно ќе се собере и преработи, дел од него повторно може да се искористи како ресурс.

Токму затоа една од целите на Оилтек во изминатите три години е и подигнувањето на јавната свест.

Преку истражувања, информативни и едукативни кампањи, фокусот е ставен не само на компаниите кои имаат законски обврски, туку и на граѓаните – да знаат дека отпадното масло треба да се предава на овластени оператори и дека неговото правилно управување има директно влијание врз животната средина.

Конкуренти на пазарот, партнери кога станува збор за животната средина

Во системот на Оилтек денес членуваат компании кои увезуваат и пуштаат масла на македонскиот пазар и претставуваат значаен дел од овој сектор.

Иако меѓусебно се конкуренти, во системот на проширена одговорност тие имаат заеднички интерес – да постои функционален механизам преку кој отпадот што останува по употребата на производите ќе биде правилно собран и третиран.

Според Оилтек, токму довербата меѓу компаниите и нивната подготвеност за заедничко вложување во системот е една од причините што националната цел беше надмината.

„Можеби најважниот резултат не се само над 1.000 тони отпадно масло собрани за две и пол години. За мене е подеднакво важно што компании кои на пазарот се директни конкуренти препознаа дека за некои прашања мора да работиме заедно. Животната средина е токму такво прашање. Кога имаме функционален систем, придобивката не е само за една компанија или за Оилтек туку придобивката е за сите“, вели Кузмановски.

Следниот чекор – отпадното масло поблиску до граѓаните

Во текот на 2026 година Оилтек продолжува со проширување на инфраструктурата и соработката со локалните самоуправи, а овие активности ќе продолжат и во следниот период.

Еден од следните чекори е поддршка на развојот на собирни центри во кои граѓаните ќе можат на едно место правилно да предадат повеќе различни текови отпад, меѓу кои и отпадното масло.

Со тоа системот, кој досега во голема мера се развиваше преку компаниите, сервисите, собирачите и операторите, треба постепено да стане подостапен и за самите граѓани.

Паралелно ќе продолжат инвестициите во инфраструктура за собирање и складирање, поддршката на домашните капацитети за третман и рециклирање и активностите за информирање на јавноста.

ОИЛТЕК ги повикува и компаниите кои увезуваат или пуштаат масла на македонскиот пазар навремено да ги проверат своите законски обврски и да се вклучат во организиран систем за управување со отпадни масла.