
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски очекува транспарентна и брза судска постапка за трагедијата во „Пулс“ во Кочани, чиј процес започна денеска. Тој посочи дека динамиката на судењето ја определува судот, а Обвинителството ги исполнило сите законски обврски и ангажирало дополнителни обвинители со цел да се избегне какво било одолговлекување. Во интервју за Дневникот на ТВ Сител Коцевски изјави дека не верува оти периодот до првостепената одлука ќе биде долг, бидејќи постојат јасно дефинирани рокови кои мора да се почитуваат.
Коцевски образложи и зошто обвинителната постапка не е раздвоена, иако се работи за голем број обвинети. Според него, погрешно било толкувањето дека Обвинителството оставило простор за одолговлекување. Како што изјави, во предметот се опфатени 35 обвинети, плус три правни лица, и тие мора да бидат опфатени во една целосна постапка. Доколку постапката била раздвоила, едните обвинети би можеле да се појават како сведоци во други постапки, што би довело до повторување на доказите и уште поголема пролонгација. Затоа, тимот јавни обвинители одлучил да води една заедничка постапка за сите обвинети, сметајќи го тоа за најцелисходно решение.
Тој откри дека Обвинителството досега имало три средби со родителите на жртвите од „Пулс“, од кои последната била минатата недела. На тие средби, родителите биле детално запознаени со сите аспекти на обвинението, текот на постапката и доказите, а обвинителите одговориле на сите нивни прашања и дилеми.
Во врска со иницијативите за формирање анкетна комисија во Собранието за трагедијата, Коцевски испрати јасна порака дека политиката мора да се држи настрана од судскиот процес. Според него, формирање таква комисија во овој момент не е потребно и не би било целисходно, но може да се разгледа по завршување на судската постапка, доколку се бара политичка одговорност.
Коцевски нагласи дека досега немало никакви притисоци врз Обвинителството при формирање на обвиненијата. Тој истакна дека се постапува по кривични пријави поднесени од Министерството за внатрешни работи и дека ниту врз него, ниту врз тимот јавни обвинители не бил извршен каков било надворешен притисок. Дополнително, тој порача дека Обвинителството нема да прави селекција околу можни нови обвинети – секое лице за кое ќе бидат обезбедени соодветни докази ќе биде опфатено со обвинение.
Обвинителот објави дека се при крај истражните постапки за околу 30 полициски службеници, а првите обвинителни одлуки се очекуваат во првата половина на декември. Паралелно, се довршува и предистражната постапка за лица вработени во Управата за јавни приходи.
Коцевски изрази уверување дека, со исполнетите законски обврски и со засилен тим, Обвинителството е целосно подготвено за процесот. Тој додаде дека очекува судската постапка да се води транспарентно и ефикасно, а јавноста да добие јасен одговор и правда за трагедијата што го потресе Кочани и целата држава.

