Skip to main content
Култура

Книжевна вечер „Македонија и Турција – Книжевни мостови“ во македонскиот КИЦ во Истанбул

29/05/2025  08:15

Во рамки на 17. издание на реномираниот Istanbul International Literature Festival (ITEF), денеска во просториите на македонскиот Културно-информативен Центар во Истанбул ќе се одржи книжевна вечер насловена „Македонија и Турција – Книжевни мостови“, на која пред турската публика и издавачи ќе бидат претставени наградените книги и автори на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година.

Како што соопштија од КИЦ Истанбул, настанот претставува исклучително значаен чекор во афирмацијата и меѓународната промоција на македонската книжевност, а соработката со ITEF – еден од водечките фестивали за литература во регионот, отвора нови можности за поврзување со турското издаваштво и преведувачи, како и градење на културни мостови меѓу двете земји.

Делегацијата на Друштвото на писателите на Македонија ја сочинуваат добитниците на годинешните книжевни награди: Жарко Кујунџиски со збирката раскази „Приказничар“ (изд. „Антолог“) – добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело; Иван Антоновски со книгата за деца „Бакнежи на небото“ (изд. „Светулка“) – добитник на наградата „Ванчо Николески“; Наташа Аврамовска со книгата „Книжевни паметници“ (изд. Институт за македонска литература) – добитничка на наградата „Димитар Митрев“ за најдобро дело од областа на критиката и есеистиката; Гордана Јовиќ Стојковска со романот на српски јазик „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“) – добитничка на наградата „Мост“, која се доделува за дела објавени на јазиците на заедниците во Македонија (изд. „Слово љубве“); А со свој литературен опус ќе се претстави и Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

– Настанот претставува значајна платформа за унапредување на меѓукултурната размена, за презентација на современите текови во македонската литература и за иницирање на идни преводи, соработки и издавачки проекти со турските партнери. „Книжевни мостови“ се организирани од македонскиот Културно-информативен Центар во Истанбул, како дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам, се наведува во соопштението од МКИЦ Истанбул.