
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, каде што се чуваат и весници кои сведочат за периодот на создавањето на независната македонска држава, се наоѓаат и вистински книжевни богатства стари повеќе од четири века.
Една од најстарите книги во богатиот фонд на библиотеката, која ја посети 4ТВ, датира од далечната 1566 година. Станува збор за издание на „Езопови басни“, старо точно 460 години.
Но, ова не е единственото книжевно богатство што се чува зад вратите на библиотеката. Во фондот има бројни ретки и вредни изданија од периодот од XVI до XIX век, кои претставуваат значаен дел од културното и книжевното наследство.
Поради нивната старост и вредност, овие книги се чуваат со посебно внимание. Дел од старите изданија веќе се дигитализирани, со што нивната содржина се заштитува од забот на времето и се овозможува да остане достапна и во иднина.
Паралелно, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ работи и на дигитализација на дела од македонски автори и други значајни изданија. Целта е книжевното и културното наследство да се зачува и да им биде достапно на идните генерации.
Зашто, како што посочуваат од библиотеката, она што нема да го сочуваме денес, утре можеби нема од каде да го прочитаме.

