Skip to main content
Македонија

Клековски: Здравството не е само функција, туку мисија за подобар живот на граѓаните

30/06/2026  23:30

Новоименуваниот министер за здравство, Сашко Клековски, со емотивна порака ја прифати номинацијата од премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека здравството за него претставува мисија, а не само професионален ангажман.

„За секој пациент, секој ден! Со голема чест и длабока одговорност ја прифаќам номинацијата за министер за здравство“, порача Клековски.

Тој истакна дека изминатите две години на чело на Фондот за здравствено осигурување биле период исполнет со предизвици, но и со конкретни резултати во насока на подобрување на пристапот до здравствената заштита.

Според него, секоја мерка, секоја реформа и секое олеснување за пациентите и здравствените работници имале една заедничка цел – подобар и подостапен здравствен систем.

Клековски откри дека при денешната посета на Општата болница во Куманово, пациент му пришол за да му каже дека е постигнат значителен напредок во здравството, момент кој, како што посочи, дополнително го потсетил на значењето на неговата работа.

„Не бројките, не извештаите, туку луѓето чии животи реално се подобрени се причината поради која оваа работа има смисла“, нагласи тој.

Новиот министер му се заблагодари на премиерот Мицкоски за довербата и порача дека функцијата ја прифаќа со скромност, свесен за одговорноста што ја носи.

„Министерството за здравство не е само следна функција – тоа е можност грижата за здравјето на секој граѓанин да стане уште поголем приоритет, а резултатите да се чувствуваат во секој дом и во секоја болница низ Македонија“, порача Клековски.

Тој најави дека и во новата улога ќе работи со посветеност, одговорност и со јасна цел – подобро и поефикасно здравство за сите граѓани на Македонија.