Skip to main content
Свет

Кина: Повлекувањето на САД од меѓународни организации го разнишува глобалниот поредок

09/01/2026  16:56

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од 66 меѓународни организации, според кинеските аналитичари, сериозно го погодува глобалниот систем на управување и носи долгорочни последици за американското лидерство, отворајќи вакуум во области како климата и безбедноста. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, оцени дека ваквите потези на Вашингтон не се изненадување, но предупреди дека го поткопуваат мултилатералниот поредок со Обединетите нации во центарот.

„Само функционален мултилатерален систем може да го спречи ‘ширењето на законот на џунглата’ и враќањето на ‘правото на посилниот’ и логиката дека ‘силата е правда’“, порача Мао.

Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се суспендира американската поддршка за 31 агенција на ОН и уште 35 други организации, за кои Белата куќа наведува дека дејствуваат спротивно на американските национални интереси, безбедноста и суверенитетот. Меѓу погодените се и тела поврзани со климата, трудот и миграциите, вклучително и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која е основа на главните меѓународни климатски договори. Овој чекор следи по претходното повлекување од Парискиот договор.

Ли Шоу, директор на Кинескиот климатски центар при Asia Society Policy Institute, оцени дека станува збор за „тежок удар врз глобалната климатска акција“ и најсериозен предизвик за меѓународните напори од усвојувањето на Парискиот договор. „Како може да се реши глобалната криза без учество на највлијателната светска сила?“, праша Ли. Експертот за меѓународни односи Шен Дингли од Шангај истакна дека ваквиот пристап произлегува од политиката „Америка на прво место“, при што меѓународните организации се користат кога се корисни, а се напуштаат кога тоа повеќе не е случај.