
Новиот коалициски договор на германските партии предвидува сегашниот број од 50.000 работни дозволи за Западен Балкан да се преполови и да се овозможи доаѓање на 25.000 работници годишно за да се контролира имиграцијата и да се намали притисокот врз домашниот пазар на труд
Доколку Германија го преполови бројот на работници што доаѓаат од земјите на Западен Балкан, тоа ќе ги засегне и македонските граѓани што планираат да заминат на печалба во оваа земја, дознава „Слободен печат“ од агенциите што посредуваат при вработувањето во странство. Во последниве години Македонците сè повеќе заминуваат на работа во оваа земја….Актуелните одредби, кои датираат од 2016 година, овозможија легално доаѓање на нискоквалификувани работници од БиХ, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и од Македонија во Германија, а квотата по неколку години успешно спроведување на програмата е ограничена на 50.000 работници.
Врз основа на Регулативата за Западен Балкан, податоците покажуваат дека околу 76.000 граѓани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Албанија имале дозволи во Германија на крајот на 2023 година. Ова претставува зголемување од 22 отсто во споредба со 2022 година, кога Германија имаше околу 62.000 работници што имаа дозволи од овие земји.
Само во 2022 година повеќе од 53.000 граѓани на Македонија се преселиле во Германија, речиси двојно повеќе од над 32.000 граѓани што се доселиле во 2021 година во оваа земја, каде според последниот попис од 2022 година живеат 222.000 македонски граѓани, соопштија од Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ во 2023 година. Најголем дел од нив работат во транспортни компании како возачи, а некои и во фабрики за производство на храна. Жените, освен во фабрики, работат и во ресторани за брза храна, но и како хигиеничарки. Берлин, Штутгарт, Хамбург, Хановер, се градовите во кои има најмногу Македонци.
Холгер Шванеке, директор на Централното здружение на германски занаетчии, за „Франфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека намалувањето на квотата на работници од Западен Балкан дополнително ќе го загрози занаетчискиот сектор во Германија. Најважната одредба на ова правило е секој неквалификуван работник што нема диплома или посебна вештина за која може да добие „сина карта“, односно привилегирана имиграција, може да оди во Германија и да бара работа.
Доколку најде работа, потребна му е само потврда од работодавачот дека тој работник му треба, како и формална потврда дека немало кандидати од Германија или од ЕУ за таа позиција. Со овие документи работникот може да оди во германскиот конзулат во својата земја и да побара работна дозвола. Новата коалиција, под притисок на јавното незадоволство поради неконтролираната миграција, планира да преземе неколку мерки за намалување на притисокот врз германскиот миграциски систем, а едно од решенијата е намалување на бројот на работници од Западен Балкан. Преговорите за формирање нова коалиција сè уште се во тек, па конечна одлука за оваа мерка сè уште не е донесена.
извор: slobodenpecat.mk