Skip to main content
Македонија

„Ќе има контрола, спремен да си“ – предупредувања за инспекциски надзори откриени во телефоните на обвинетите за „Пулс“

09/07/2026  14:23

Телефонските комуникации презентирани на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани открија пораки во кои обвинети инспектори, според Обвинителството, однапред предупредувале за претстојни инспекциски контроли не само во дискотеката „Пулс“, туку и во угостителски објекти во Штип, Кочани и други градови.

Меѓу пораките што беа прикажани во судницата се издвојуваат комуникации со содржина: „Ќе има контрола, спремен да си“ и „Биди исправен, ќе има контрола“, кои, според обвинението, биле испраќани до сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, но и до други угостители.

Обвинителството и на ова рочиште продолжи со презентација на докази добиени од екстракција и анализа на мобилните телефони на обвинетите. Во судницата беа прикажани контакти зачувани во телефоните, како „Началничка Марија“, „Весна инспекторка“, „Магдалена лиценца“, „Благица диско“ и други, како и комуникации што, според обвинителството, укажуваат на блиски релации меѓу дел од обвинетите.

Од презентираните пораки произлегува дека сопственикот на дискотеката, познат како „газда Деко“, повеќепати бил предупредуван за претстојни инспекциски контроли, иако „Пулс“ работел преполн и со само еден излез.

Во дел од доказите беа презентирани и комуникации меѓу обвинетите Беким Хаџиу и Размена Чекиќ Дуровиќ од Министерството за економија, од кои, според Обвинителството, произлегува дека уште на 13 март 2023 година било констатирано дека дискотеката „Пулс“ нема важечка лиценца.

Пред судот беа презентирани и докази поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон“. За обвинетиот Александар Нацев беа приложени документи за сопственост, тендерска документација, правилници, фактури и други материјали, додека во комуникација со Мартин Атанасов – Буцо било разговарано и за тоа кои фирми да бидат наведени во документацијата, при што било спомнато и дискотеката.

Во текот на рочиштето беа прикажани и приватни разговори од телефоните на дел од обвинетите, но јавниот обвинител Владо Милошевски истакна дека тие немаат значење за обвинението и не се дел од доказите врз кои се темели предметот.

Судењето продолжува со презентација на преостанатите докази на Обвинителството, по што својата доказна постапка ќе ја започне и одбраната.