Skip to main content
Македонија

Казина подалеку од училиштата и без реклами за „брза заработка“ – помина новиот закон

11/06/2026  23:43

Собранието вечерва го поддржа Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат значително построги правила за работењето на приредувачите на игри на среќа и нови механизми за контрола на секторот. За законското решение гласаа 59 пратеници, додека девет беа против, објави на социјалните мрежи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Една од најзначајните новини е ограничувањето казината, автомат-клубовите и другите објекти за игри на среќа да не можат да работат на растојание помало од 500 метри од основните и средните училишта. Со оваа мерка, според предлагачите, треба дополнително да се заштитат децата и младите од влијанието на коцкањето.

Предлог-законот предвидува и строги ограничувања во рекламирањето на игрите на среќа. Ќе биде забрането рекламирање на излозите на објектите каде што се приредуваат игри на среќа, како и сите рекламни пораки што коцкањето го претставуваат како средство за личен успех, брза заработка или финансиска добивка.

Дополнително, секој апарат за игри на среќа ќе мора да биде опремен со систем за геолокација (ГПС), што ќе ѝ овозможи на Управата за јавни приходи во секој момент да ја следи неговата локација и работење.

Новото законско решение предвидува и лиценците да не можат да се мултиплицираат, како и воведување дополнителни финансиски обврски за отворање нови уплатно-исплатни места.

Воедно, се зголемуваат и банкарските гаранции што приредувачите ќе треба да ги обезбедат, а во законот се вградени и препораките на MONEYVAL при Советот на Европа за зајакнување на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Предлог-законот е дел од поширокиот пакет владини реформи насочени кон построга регулација на секторот на игрите на среќа, поголема транспарентност и поефикасен институционален надзор врз неговото работење.