Skip to main content
Македонија

Кавадарци бара волонтери за вршење активности за почист и позелен град

13/01/2025  18:11

Кавадаречката локална самоуправа објави јавен повик за аплицирање на кандидати за волонтирање за извршување активности од проектот „За чисто и убаво Кавадарци“.

– Се повикуваат сите заинтересирани странки и млади лица над 15 години да се пријават на јавниот повик, врз основа на кој се организира волонтерска работа за потребата на Општина Кавадарци, за извршување на активности според проектот „За чисто и убаво Кавадарци“. Јавниот повик се објавува поради потребата на Општина Кавадарци за ангажирање на волонтери, кои доброволно ќе извршуваат активности за почист и позелен град. Оплеменување на зеленилото низ градот, засадување на нови садници, подигање на нови зелени површини низ градот, средување на јавните зелени површини низ градот, кастрење на вегетацијата и одржување на селските патишта и фудбалски игралишта, како и чистење и одржување на чистотата на повеќе локации во Општина Кавадарци, согласно Програмата за јавна чистота и Одлуката за комунален ред, како и други тековни непредвидени волонтерски активности, се наведува на официјалната веб-страница на локалната самоуправа.

Времетраењето на волонтерската работа, како што се појаснува, се однесува за тековната 2025 година, а ќе се регулира со склучување договор за волонтирање.

– Напоменуваме дека на ангажираните волонтери ќе им биде исплатен надоместок на трошоци за храна и превоз, согласно Законот за волонтерство и тоа најмногу во висина до 15 проценти од просечната месечна плата во Република Македонија исплатена за претходната година, пишува на веб-страницата на Општина Кавадарци.