Skip to main content
Економија

Кашиковски: Префрлени се средства за исплата на августовската плата за вработените на „Флораком“ и „Луна“

06/10/2025  11:29

Префрлени се парични средства за исплата на августовската плата за вработените на „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, изјави за МИА претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.

Кашиковски апелираше раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ веднаш да почне со правење напори за обезбедување средства за исплата на септемвриската плата за да не бидат принудени повторно вработените од ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ нивното основното човеково право и основно работничко право на плата да го бараат преку протести и блокади на булеварите и крстониците во Град Скопје.

Тој, воедно изрази благодарност до ЈП „Водовод и канализација“ кои префрлиле средства на ЈП „Паркови и зеленило“, од кои потоа се исплатени платите на вработените од „Флораком“ и „Луна“.