Skip to main content
Култура, Скопје

„Кармина Бурана“ на филхармониите од Скопје, Софија и Солун вечер во Градскиот парк

20/06/2026  15:54

Македонската филхармонија, Софиска филхармонија и Државниот симфониски оркестар на Солун вечер од 21 часот во Градскиот парк на концерт насловен „Филхармонија на отворено“ во Скопје ќе настапат со заедничкиот проект – музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која заедно ја изведоа и во Софија и Солун. 

Концертот под отворено небо е бесплатен за посетителите. Ќе го води диригентот Најден Тодоров, а солисти ќе бидат нашата сопранистка Ана Дурловски,  тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија. 

На прес-конференција во пресрет на концертот, Ана Дурловски истакна дека овој проект е вистински пример на културно поврзување. 

– Суштината е во градењето мостови онаму каде што политиката понекогаш поставува граници. Оваа соработка и ова заедничко создавање треба да продолжи и понатаму. Тоа што ќе се случи на овој концерт ќе биде навистина величествено затоа што го носи искуството од Софија и од Солун, топлината и енергијата што ги разменивме, креативноста што ја донесовме. Ова повторно ќе биде нешто ново – во величествен отворен простор, што ќе донесе едно навистина уникатно доживување, рече Дурловски.

На концертот ќе учествуваат и Националната опера и балет, хорот на Музичкото училиште во Солун и Детскиот хор „Пиколо“.