
Главни приоритети на ЕУ се вршење поголем притисок врз Москва и доставување поголема поддршка за Киев, изјави попладнево високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на прес-конференцијата по завршувањето на Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
– Мора да направиме повеќе за да ја зајакнеме одбраната на Украина и нејзината улога во преговорите, додека Русија продолжува да го отфрла мирот. Министрите беа јасни дека секој мировен договор мора да вклучува силни безбедносни гаранции, бидејќи ако Украина е под притисок да се откаже од НАТО, тоа ќе биде единствената заштитна мерка за да ја одврати Русија од нова агресија, рече Калас.
Таа ги посочи одлуките за проширување на листата на санкционирани поради поврзаност со т.н. руска флота во сенка, како и за санкциите поврзани со хибридните активности на Русија и Белорусија.
– Пораката е јасна. Оние кои ја загрозуваат нашата безбедност се соочуваат со последици, додаде Калас.
