Skip to main content
Магазин

Како телото „кажува“ дека има недостаток на витамин Ц?

05/05/2025  12:16

Витаминот Ц е еден од клучните хранливи материи за одржување на здравјето и правилно функционирање на телото. Покрај сѐ друго, има важна улога во зајакнувањето на имунитетот, одржувањето здрава кожа, крвни садови и ткива и му помага на телото да апсорбира железо.

MK Summit

Иако во повеќето случаи може да се внесат доволни количини на витамин Ц преку здравата исхрана, понекогаш може да се појави и негов недостаток. Најчестите причини за ова се лошите навики во исхраната, одредени здравствени состојби или фактори на животниот стил коишто го попречуваат внесувањето на овој витамин. Недостатокот на витамин Ц може да се манифестира и преку необични симптоми што многумина не би ги поврзале веднаш со овој проблем.

Така, меѓу првите индикатори за недостаток на витамин Ц се чувството на постојан замор, слабост и исцрпеност, дури и по одмор.

Дополнително, и ако лесно и без видлива причина добивате модринки, може да биде знак за послаби крвни садови, што може да е недостаток на витамин Ц. Ако раничка на телото потешко и бавно заздравува – и за тоа важи истото. И кожата – ако е сува, груба или да доколку се лупи, тоа честопати е индикација дека на телото му недостасува овој важен антиоксиданс. А, ако влакната на нозете, рацете или други делови од телото станат кршливи, извиткани или погруби, и тоа може да биде резултат на долготраен недостаток на витамин Ц.

И здравјето на непцата е директно поврзано со внесот на витамин Ц. Црвените, отечени или крвави непца се јасен знак за недостаток на овој витамин.

Слабоста на ѕидовите на крвните садови може да доведе до појава на проширени вени, особено на нозете. Витаминот Ц помага во зајакнување на вените, па затоа нивниот лош изглед често е знак за недостаток на овој витамин.

Исто така, недостатокот на витамин Ц може да придонесе за воспаление во телото, коешто се чувствува како болка во зглобовите и мускулите.

Ниско ниво на витамин Ц може да влијае и на менталното здравје, предизвикувајќи промени во расположението, раздразливост и чувство на вознемиреност.

Иако недостатокот на овој витамин не се случува често кај луѓе кои јадат разновидна исхрана, важно е да се препознаат знаците навреме. Следствено, важно е да се обрне внимание на промените во телото и, по можност – да се збогати исхраната со свежо овошје и зеленчук, со цел оптимално здравје и спречување можни компликации поврзани со недостатокот на овој важен витамин.