Skip to main content
Македонија

Како се избира нов папа по смртта на Папата Франциск

22/04/2025  00:14

По смртта на папата, Католичката црква влегува во период познат како „sede vacante“ – „празен трон“. Во овој период, сите овластувања на папата престануваат, а управувањето со Црквата го презема Колеџот на кардинали. Смртта на Папата Франциск отвора пат за еден од најзначајните и најтајновити процеси во Црквата – изборот на негов наследник.

Кој го избира новиот папа?

Новиот папа го избираат највисоките функционери на Католичката црква, познати како Колеџот на кардинали. Сите тие се мажи, назначени директно од папата и обично се ракоположени за епископи. Во моментов, Католичката црква има 252 кардинали, од кои 138 имаат право на глас при изборот на нов папа. Останатите се постари од 80 години и затоа не можат да учествуваат во гласањето, но можат да учествуваат во дискусии за тоа кој треба да биде избран.

Како се избира папата, а што е конклава?

Кога ќе умре папата (или ќе поднесе оставка, како што направи Бенедикт XVI во 2013 година), кардиналите се собираат на состанок во Ватикан, по што следи конклава – затворен процес на избор на нов папа. Во периодот помеѓу смртта на папата и изборот на неговиот наследник, со Црквата управува Колеџот на кардинали.

Конклавата се одржува во целосна тајност во Сикстинската капела – монументално уметничко светилиште насликано од Микеланџело – каде кардиналите се изолирани од надворешниот свет и се заколнуваат на целосна тајност. Тие гласаат двапати дневно – наутро и попладне – додека некој не добие двотретинско мнозинство.

Овој процес може да трае неколку дена, а историски гледано, понекогаш траел со недели или месеци. Постоеја случаи кога дел од кардиналите умирале за време на долги конклаи. Единствениот знак за напредокот на изборот доаѓа преку чадот од оџакот на Сикстинската капела:

  • Црн чад значи дека изборот не успеал,
  • Бел чад означува дека нов папа е избран.

Како се најавува новиот папа?

Откако ќе се појави белиот чад, новиот папа обично излегува на балконот на базиликата Свети Петар во рок од еден час. Тогаш, најстариот кардинал учесник го објавува изборот со традиционалната латинска формула:

„Habemus Papam“ – „Имаме Папа!“

Потоа го соопштува неговото избрано папско име, кое не мора да е неговото родено име. Така, на пример, папата Франциско е роден како Хорхе Марио Бергољо, но го избра името Франциско во чест на Свети Франциско Асишки.

Кој може да стане папа?

Теоретски, секој крстен римокатолички маж може да биде избран за папа. Но, во пракса, кардиналите речиси секогаш избираат некој од своите редови – некој што е веќе кардинал.

Кога Франциско беше избран во 2013 година, тој стана првиот папа од Јужна Америка, регион кој претставува околу 28% од католиците ширум светот. Сепак, историјата покажува силна европска, особено италијанска, доминација: од вкупно 266 папи досега, 217 биле од Италија.