
Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ Скопје со поддршка на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска организира јавна расправа за правилата за администрирање на гаранциите за потекло на електрична енергија (Guarantees of origin, GOs).
Јавната расправа, како што е најавено, ќе ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во присуство на претставници на релевантните чинители во секторот енергетика, приватни компании и претставници на стопанските комори. Предвидено е и обраќање на Зоран Ѓорѓиевски, управител на МЕМО ДООЕЛ Скопје.
Гаранција за потекло е електронски документ, чија цел е обезбедување доказ за потрошувачите дека определен удел или количина од енергијата е производена од обновливи извори на енергија. Гаранциите за потекло се користат во Европска Унија со цел следење и потврдување на потеклото на електричната енергија со што се промовира еколошка одговорно, транспарентност и доверба на потрошувачите на енергетскиот пазар. МЕМО ќе го воспостави и води регистарот на Гаранции на потекло односно нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.