
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека директорот на Специјализираната болница за геријатрија „13 Ноември“ е осомничен дека примил поткуп од 20.000 евра за да овозможи сместување на болно и неподвижно лице во установата.
„Девастираниот систем мора да го вратиме и ќе го вратиме во функција. За жал, кога сѐ уште владее национална тага, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат“, изјави Јанев.
Приведени се две лица – директорот на установата и уште едно лице кое посредувало во примањето на поткупот.
Акцијата е реализирана во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Продолжуваме посветено да делуваме во насока на расчистување на корупцијата и организираниот криминал. Придонесуваме за обезбедување на правдата и правични и транспарентни институции. Не дозволуваме и нема да дозволиме ваквите случаи да останат неказнети“, додаде Јанев.