
Во воведното излагање на денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“, обвинителот Борче Јанев со остар и јасен тон ја отвори сликата за деценискиот институционален колапс што, според него, довел до најголемата цивилна трагедија во поновата македонска историја. Тврдејќи дека одговорноста не се сведува на една личност или едно погрешно дејствие, тој укажа дека трагедијата била последица на долгогодишно игнорирање на ризици, заобиколување на закони и намерно непостапување од страна на службени лица.
„Не е важно само кој го запалил огнот – важно е и кој имал кофа со вода и не ја истурил,“ порача Јанев, потенцирајќи дека во случајот со „Пулс“ институциите систематски ги игнорирале обврските кои требало да спречат катастрофа.
Според обвинителството, локалната самоуправа во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, Пазарната инспекција и Министерството за економија сите имале законска надлежност да го спречат функционирањето на небезбеден објект. Но, како што истакна Јанев, „должноста молчела, совеста престанала, а последицата била само прашање на време“.
Посебен акцент беше ставен на 2012 година – моментот кога, според обвинението, започнал целиот синџир на пропусти. Тогаш обвинетиот сопственик Дејан Јованов го трансформирал магацинот за текстил во дискотека, иако урбанистичкиот план тоа строго го забранувал. Со помош на службени лица и незаконски изработена документација, тој успеал да дојде до лиценца за работа, која најпрво била одбиена, а потоа – со „пренасочување“ на контролата и спорен записник – повторно одобрена. Дозволата, според доказите, била потпишана од тогашниот министер за економија, Валон Сараќини.
Откако клубот ја добил дозволата, реакциите од институциите целосно престанале. Јанев посочи дека ниту градоначалникот на Кочани, ниту градежната инспекција, ниту која било институција во следните години спровела барем една безбедносна контрола. Дополнително, 13 години на подрачјето немало инспектор за заштита и спасување – орган кој е клучен за процена на ризици и заштита на животите и имотот.
„Станува збор за административен декор – процедури на хартија, без суштина и без контрола,“ рече обвинителот, додавајќи дека институциите си ја префрлале одговорноста едни на други, додека опасноста растела.
На крајот од излагањето, Јанев најави дека доказите ќе прикажат како сите незаконски издадени лиценци, сите игнорирани опасности и сите пропуштени реакции директно довеле до трагичниот 16 март.
„Лиценците никогаш не смееле да бидат издадени. Ниту една. Ниту формално, ниту суштински,“ истакна обвинителот, нагласувајќи дека целата катастрофа била „потполно предвидлива“, а не резултат на несреќен случај.
Судењето продолжува со изведување на доказите кои обвинителството ги најави како „јасни, непобитни и поврзани во единствена слика за системско непостапување“.
