
Соопштение за јавност на Левица:
На денешната седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, остро ја критикуваше предложената измена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со која се намалуваат критериумите за именување директор или заменик-директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).
Со измените, наместо обврската за поседување меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик, се воведува можност за прифаќање на било каква потврда издадена од домашни или странски даватели на вакви услуги.
„Со овој Закон, меѓу другото, се укинува обврската идниот директор на ПИОМ да има меѓународно признат сертификат за англиски јазик. Ова е директна последица на скандалот со директорот на АНБ, Христовски, за кого излегоа информации дека добил сертификат од фирма во Бугарија која со години пријавува дека нема никакви деловни активности. По тој случај, се обзнани дека многу директори или немаат сертификати, или истите им се лажни.” – изјави Јанчев.
Тој потенцираше дека овие законски измени овозможуваат носителите на високи функции да избегнат полагање за меѓународен сертификат и наместо тоа, да се стекнат со потврди од нерелевантни извори:
„Очигледно, наместо да се потрудат и да стекнат релевантна квалификација, нашите директори претпочитаат само да бидат именувани. Ова дополнително ќе ја продлабочи негативната селекција, бидејќи кандидатите без меѓународни сертификати ќе имаат предност пред оние што ги поседуваат” – кажа пратеникот од Левица.
Јанчев постави и прашање дали овие измени се прават за да му се удоволи на портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, кој моментално е вршител на должноста директор на ПИОМ:
„Ова не е изолиран случај. На претходни седници веќе беа донесени слични измени, како кај Законот за Државниот испитен центар и Законот за спречување на перење пари, каде што ВД директор е Кујтим Ибиши од ВРЕДИ, веројатно и тој нема меѓународно признат сертификат” – заклучи Јанчев од Левица на денешната комисиска седница.