
Соопштение за јавност на Левица:

Во пресрет на денешната амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, пратеникот Сашко Јанчев од Левица поднесе амандман со кој бара издвојување средства за изработка на неопходната студија за прогласување на планината Кожуф за национален парк. Станува збор за скромни 200.000 евра кои ќе овозможат институционална заштита на еден од највредните природни бисери во државата, кој веќе подолго време е изложен на уништување прво со рудниците, а сега со нови концесии за мали хидроцентрали. Последните интервенции на реката Дошница резултираа со сеча на дрвја и нарушување на речниот екосистем.
Јанчев преку социјалните мрежи упати и директен апел до граѓаните:
– Во Собранието почнува амандманската расправа на ребалансот на Буџетот. Контактирајте ги пратениците од вашите изборни единици и барајте им подршка, барајте да го гласаат амандманот. Слободно можат и да се приклучат на амандманот како предлагачи. Ова е преголемо и пресериозно за чекање.
Инаку, иницијативата за прогласување на Кожув за национален парк беше покрената пред повеќе од година и половина од страна на планинарски и еколошки здруженија, како и професори од Природно-математичкиот факултет. На иницијативата се приклучија и општините Гевгелија, Демир Капија и Кавадарци. Но, и покрај поддршката и итноста, иницијативата веќе година и пол стои во место.
Блокадата на Кожуф трае веќе 11 дена. Граѓаните не дозволуваат да продолжат градежните работи, а според пратеникот Јанчев ова е шанса да се спречи понатамошна еколошка катастрофа и да се зачува природна вредност од национално значење.
-Кожуф мора да добие статус на национален парк– и тоа веднаш! – вели Јанчев.