
Од кабинетот на кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска беше објавено соопштение до јавноста со наслов „Карпошани нема да купат мачка во вреќа“, во кое остро се реагира на, како што се наведува, „обидите на ВМРО-ДПМНЕ да им продаде на граѓаните лажна слика и празни ветувања“.
„Во последните денови сме сведоци на уште еден обид на ВМРО-ДПМНЕ да им продаде на граѓаните на Карпош мачка во вреќа. Наместо вистински соочувања и дебати со граѓаните, нивниот кандидат добил строга забрана да зборува. Не смее да се појави на трибини, не смее да одговара на прашања, не смее да зборува без дозвола“, се наведува во соопштението.
Јакимовски додава дека неговиот противкандидат „снима клипчиња со проекти кои одамна се реализирани“, обвинувајќи дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се заснова на копирање и повторување на туѓи идеи, наместо на конкретна визија.
„Ова не е фер кон граѓаните на Карпош, кои заслужуваат чесна, отворена и аргументирана кампања. Карпош не е публика за туѓи сценарија и празни ветувања. Граѓаните сакаат луѓе што знаат што направиле, кога направиле и за кого работат. Јас не ветувам, јас покажувам. Сè што сум кажал – сум реализирал“, порачува Јакимовски.
Во завршницата од соопштението тој нагласува дека Карпош „не заслужува експерименти и неуспешни приправници во политика“, туку луѓе со искуство, резултати и почит кон граѓаните.
„Да го одбраниме Карпош. Да го зачуваме достоинството!“, стои на крајот од обраќањето на Јакимовски.