Skip to main content
Македонија

Jаневска: Два институти се затворени поради нерегуларности, а во тек е постапка за уште три

07/11/2024  13:51

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска изјави дека неправилности има не само на универзитетите, туку и во институти, од кои два се затворени.

Министерката не сакаше да открие за кои два институти станува збор, но кажа дека процесот е комплетно завршен, а во моментот се водат постапки во уште три институти, кои се очекува да завршат.

„Процесот на затворање на два институти е комплетно завршен, продолжува во овој момент најверојатно во уште три, но и тоа треба да заврши и ќе добиете информација. Дозволете да ги затвориме и, како што кажав, транспарентно ќе објавиме“рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на средното општинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип по повод неговото трансформирање во регионален центар за средно стручно образование и обука.

Што се однесува до универзитетите, министерката рече дека Државниот просветен инспекторат постојано работи по сите пријави кои стигаат до нив и досега се утврдени одредени нерегуларности кај некои од нив.

Кај дел од нив, додаде таа, процесот е сосема при крај и е почната постапка за наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.

Прашана за универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Јаневска рече дека таму е извршена една контрола и дека во моментов се чека извештајот.

„Битно е дека сите универзитети без исклучок ќе го поминат овој процес и секаде каде што ќе бидат завршени процесите, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите“,кажа министерката за образование и наука.